Драма на патот Струмица – Радовиш: Полицијата пукаше на возило кое сакало да ги прегази

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден реализираше акција за откривање на криминална група од Скопје за која имaле оперативни сознанија и информации дека извесен период се занимава со криумчарење и транспорт на илегални мигранти од јужната граница со Република Грција, кон северната со Република Србија.

Во акцијата се приведени 5 осомничени лица за превоз на илегалните мигранти и 28 странски државјани кои илегално влегле во земјава, по потекло од Сомалија, Сирија и Пакистан.

Меѓу нив имало и 6 малолетници на возраст од 5 до 13 години.

Согласно претходно изготвен план, на неколку пункта биле поставени полициски службеници заради вршење на контрола на возилата за кои постоеја индиции дека во нив се транспортираа мигрантите.

Околу 22 часот на патниот правец од Струмица кон Радовиш, од страна на униформирани полициски службеници од РЦ „Југ“, направен е обид да бидат сопрени пет патнички возила меѓу кои едно „БМВ“, две возила „Ауди“, еден „Фолксваген Голф“, сите со скопски регистерски ознаки, како и едно возило по кое сеуште се трага.

Наместо да постапат по полициската наредба и да застанат, лицата кои ги управувале наведените возила се дале во бегство.

Од страна на еден полициски службеник биле испукани неколку куршуми во воздух за предупредување, по што едно од возилата скршнало кон патролата веројатно со намера да ги заплаши и прегази полициските службеници, доведувајќи ги во опасност.

Еден од полициските службеници испукал кон возилото за да го оневозможи и го погодил во багажникот.

При тоа е погодено едно лице, илегален мигрант, кој бил сокриен во багажниот простор. Ова било утврдено откако возилата биле сопрени на следниот поставен пункт во непосредна близина на клучката за Радовиш.

Имено едно возило било напуштено и оставено на половина километар од инцидентот, две од возилата имале меѓусебен судар во близина на следната контрола, едно возило било сопрено од полицијата, а петтото по кое се трага успеало да побегне.

Илегалниот мигрант кој бил повреден е пренесен во Ургентен центар-Скопје, каде му е констатирана огнострелна рана.

За настанот веднаш е известен надлежен Јавен Обвинител и Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.