Дресот на Марадона од финалето на СП 1986 вратен во Аргентина

Дресот кој Диего Армандо Марадона го носеше во финалето на Светското првенство 1986 во Мексико во кое Аргентина ја победи Германија е вратен на Фудбалската федерација на Аргентина (АФА).

Поранешниот германски репрезентативец Лотар Матеус, кој на полувремето од тоа финале ги замени дресовите со Марадона, 36 години подоцна му го подари на аргентинскиот народ, јавија локалните медиуми.

Претходно оваа година, дресот кој Марадона го носеше во четвртфиналето против Англија, кога го постигна прославениот гол наречен „Божја рака“ беше продаден на аукција за рекордни 7.1 милиони долари.

Тој дрес на аукција го стави поранешниот англиски репрезентативец Стив Хоџ, но и покрај астрономската цена која ја достигна маицата, Матеус во изјава за британскиот весник „Дејли Мејл“ рече дека воопшто не помислувал да заработи на дресот на Марадона.

-Ова е приказна за германскиот капитен кој за пријател имаше аргентински пријател. И како и сите пријатели, го разменија најдоброто што го имаа – прегратка, совет и дрес, наведе АФА во видеопорака по повод „подарокот од Матеус за аргентинскиот народ“.