Древна џамија откриена во израелската пустина

Остатоци од древна џамија од VII или VIII век како вистинска реткост се откриени во изреалската пустина, објави управата за археологија и старини на Израел.

Местото на кое се извршувале древните исламски верски обреди е откриено во текот на подготовката за градење нова населба во бедуинскиот град Рахат во пустината Негев на југот од Израел, се наведува во соопштението на управата.

„Малата селска џамија од VII или VIII век е ретко откритие во светски рамки, особено во областа северно од Бе’ер Шева, каде што никакви слични градби порано не се откривани. Од тој период постојат големи познати џамии во Ерусалим и Мека, но тука имаме докази за древна куќа за молитви, којашто, како што изгледа, им служела на земјоделците од оваа област“, велат во писмената изјава Јон Селигман и Шахар Зур, водители на архелошките работи.

Џамијата е правоаголна отворена градба, кајашто се состои од михран, молитвен простор свртен кон Мека, додаваат археолозите.

Во текот на ископувањето се откриени и остатоци од земјоделски имот кој датира од византискиот период, од VI/VII век, и мала населба од почестокот на исламскиот период, од VII/VIII век.

„Ова е една од најстарите џамии од почетокот на доаѓањето на исламот во Израел, по арапското освојување во 636 година. Тоа укажува на процесот на културните и религиските промени низ коишто земјата минала во преодниот период од Византија во раниот исламски период“, вели професорот Гидеон Авни, од израелската управа за археологија.