Дрисла горела медицински отпад најмалку 14 часа на ден

Дрисла и во 2018 година продолжила со истиот тренд на согорување медицински отпад и покрај забраната за ограничување на работата на депонијата. Бројките на согорениот медицински отпад во Дрисла во ниту една година не се совпаѓаат со пријавените количини од страна на здравствените институции, пренесува Радио Слободна Европа.

Депонијата Дрисла работи со полна пареа, при што во 2018 година биле согорени околу 989 тони медицински отпад. Депонијата продолжила со истиот тренд на работа како во изминатите неколку години и покрај забраната и ограничувањето заради застарениот филтер. Бројките на согорениот медицински отпад во Дрисла во ниту една година не се совпаѓаат со пријавените количини на медицински отпад од страна на здравствените институции. Најголема е разликата во 2015, 2016 и 2017 година која изнесува неколку стотици илјади килограми медицински отпад.

Дрисла минимум работи по 14 часа дневно

Дрисла во 2018 година собрала, транспортирала и согорила отпад од 699 056 килограми. Додека дополнителните 217 086 килограми медицински отпад биле од фирмите или институциите кои сами вршат достава во депонијата.

Со години се согоруваше медицински отпад со филтер кој не ги запазуваше потребните еколошки стандарди, за што и претходно пишуваше Радио Слободна Европа. Ако се земе в предвид дека капацитетот на печката е да согорува околу 200 килограми медицински отпад на час или максимум три тони дневно, ќе се увиди дека таа работела по речиси 14 часа дневно, 365 дена во годината.

Ако во пресметките од годината се одземат празниците и викендите кои вообичаено се неработни излегува дека печката работела околу 20 часа дневно. Во пресметката не влегуваат и деновите кога депонијата од јануари до април 2018, односно до поставувањето на новиот филтер требаше да работи само 8 часа дневно, или воопшто да не биде во функција во деновите кога загадувањето на воздухот е алармантно. Пред забраната во 2017 година и во 2016 година кога Дрисла работела непречено согорила отпад речиси исто колку и во 2018 година.​

Заработка од милион евра

Согорувањето на еден килограм медицински отпад чини 56 денари, при што Дрисла минатата година заработила над 900 илјади евра, а беше казнета со 8500 евра поради несовесното работење. Речиси иста сума на пари депонијата заработила и претходната година. Од 2013 година па досега, откако со Дрисла стопанисува италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“ профитот е зголемен за двојно, а за двојно е зголемено и согорувањето на медицинскиот отпад. Капацитетот на печката, како што е наведено на интернет страницата на депонијата е од 500 до 1,400 тони годишно.

Пријавени помали количини на медицински отпад

Согласно важечката законска регулатива во областа на управување со медицински отпад здравствените институции кои создаваат медицински отпад се обврзани да доставуваат еднаш годишно извештај за постапување со отпадот до Министерството за животна средина. Според последниот годишен извештај на министерството во 2017 година биле пријавени 716, 25 тони медицински отпад. Во 2016 бројката е само за 4 тони помала, за разлика од 2015 кога е пријавена речиси двојно помала количина на отпад.

Дрисла е единствената депонија во Македонија која има концесија за согорување на медицински отпад. Доколку се споредат бројките излегува дека во депонијата во 2017 година биле согорени дополнителни 344 тони медицински отпад кој не бил пријавен во Министерството за животна средина. Ист е случајот и со претходните две години, што е показател дека не се знае колку точно медицински отпад се создава во Македонија.

Дефинитивно сите количини на опасен медицински отпад не се третираат соодветно, а друг проблем е што тој согорувач на Дрисла не треба да функционира и да работи и филтерот што го поставија воопшто не го решава проблемот“, вели Блаже Јосифовски од Асоцијацијата за чиста животна средина Ајде Македонија.

Од Министерството за животна средина признаваат дека прикажаните количини на отпад во нивниот извештај, не претставуваат и вкупни количини на создаден медицински отпад на ниво на Македонија.

Разликата на создаден отпад (прикажан во Годишниот извештај на МЖСПП) и согорен отпад (прикажан во податоците од ДРИСЛА) произлегува од фактот што во годишниот извештај недостасуваат податоци за одредени институции, чиј отпад е согорен во Дрисла“, ни одговорија од министерството.Бројките за 2013 и 2014 година пак го покажуваат сосем спротивното дека во Дрисла била согорена помала количина на отпад од пријавената во Министерството за животна средина со што се отвора прашањето каде завршил вишокот од 47 тони на отпад кои не биле согорени во депонијата.

Јосифовски вели дека не верува оти државата има капацитети да спроведува инспекции со кои ќе се контролираат здравствените институции.

Пред две години кога имавме теренски истражувања можеше да се забележи при излевања на реки во неколку региони во Македонија, посебно во селото каде има јавни установи се случува дел од тој медицински отпад да заврши во реката или некоја друга медицинска установа да фрли илегално дел од нејзиниот отпад, додава Јосифовски.

Сомнежите, според него, се дека во Македонија има околу 2000 тони на медицински отпад за разлика од Националниот план за управување со отпад до 2015 година каде се тврди дека има од 900 до 1200 тони медицински отпад.