„Дрисла“ се враќа во владение на Град Скопје, одложен изборот на новиот концесионер

Изборот на новиот концесионер на депонијата „Дрисла“ е одложен поради претседателските избори.

На предлог на скопскиот градоначалник седницата на Советот беше одложена, поради правните дилеми дали Градот смее да склучува Договори во предизборен период.

Шилегов кажа и дека дал налог на градските служби да почнат постапка за раскинување на Договорот со италијанскиот конзорциум и Дрисла да се врати во владение на Градот.

Според Шилегов, Градот ќе ја преземе „Дрисла“ врз основа на судската пресуда со која поранешниот избор е поништен.

Комисијата формирана од градоначалникот го избра Конзорциумот предводен од германската фирма Шолц за иден концесионер на Дрисла.

Изминатиов период многу внимателно ја анализиравме целокупната состојба со проектот „Дрисла“, при што извршивме увид во целосната постапка од нејзиното започнување па се до последната судска пресуда. Предмет на анализа беа процесите, постапките и евалуациите кои биле вршени, при што се пронајдени сериозни аномалии. Со Конзорциумот предводен од „SCHOLZ AG“ за партнер во „Дрисла“ е извесно дека конечно Град Скопје ќе добие капацитет и депонија како што доликува, а пред се капацитет којшто ќе остварува приходи, рече Шилегов пред советниците.

Италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“  во 2013 година ја доби концесијата за да управува со депонијата. Според Договорот, оваа фирма требаше инвестира 70 милиони евра во  нова постројка за согорување на медицински отпад, автоматизирана пералница за камионите, нова механизација за работа и голема административна зграда, но не се реализира ниту една од овие инвестици.

Во меѓувреме по жалба на германската фирма, Управниот суд пресуди дека поради неправилности во тендерската постапка треба да се склучи нов договор, но Град Скопје, додека градоначалник беше Коце Трајановски, повторно склучи договор со „ФЦЛ Амбиенте“.

Дрисла работи изминативе седум години исклучиво со средствата коишто градот ги има вложено во неговото претпријатие и тоа е дел од истрага којашто ја водат други органи, а којашто градот ја има пријавено. За мене е индикативно дека Дрисла работи со загуби се додека јас доаѓам за градоначалник. Во двете години кога јас сум градоначалник они почнуваат да прикажуваат добивка,рече Шилегов.

Најсовремената печка за согорување на медицински отпад  за која Градот уште во 2012 година даде  гаранција со меница од 700 000 евра, се уште не е притсигната во Дрисла, а медицинскиот отпад се согорува во печка на која беше инсталиран нов  филтер како привремено решение.