Дрога запленета на фестивал во Дојран – уапсени 20 лица

Биле приведени 19 македонски и еден грчки државјанин, но полицијата не дава точна информација колку и каков вид на дрога нашла кај нив

Полицијата уапсила 19 македонски државјани и еден државјанин на Грција, викендов, на музички фестивал во Дојран, а кај нив била најдена разновидна дрога.

Од МВР не соопштија каков вид и колкаво количество дрога било запленето од уапсените.

„Во текот на изминатиот викенд (01/02.06.2023) полициски службеници од Секторот за недозволен трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделoт за криминалистичка полиција во координација и заедничка акција со Секторот за внатрешни работи Струмица и Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје презедоа засилени мерки за време на одржувањето на музичка манифестација во Стар Дојран, со цел откривање на кривични дела и прекршоци од областа на недозволената трговија со дрога“, се вели во информацијата на МВР до јавноста.

Кај дваестемина приведени била најдена разновидна дрога. Веднаш бил известен надлежен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по нивно целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Овие зајакнати контроли, покрај соодветно санкционирање на овој тип кривични дела, имаат за цел и превенирање на недозволената продажба и употреба на наркотични средства меѓу младите, како најчести посетители на ваков тип музички манифестации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.