Дроновите користени во нападите врз Крим се произведени во САД, обвини Москва

Беспилотните летала коишто Украина ги користи од јули во обидите за напади врз цели на црноморскиот полуостров Крим кој во 2014-та се присоедини на Русија што Киев и Западот не го признаваат, се произведени во САД, се наведува во документите на руските служби во кои увид имала агенцијата РИА.

Анализата на електронските компоненти на пресретнатите беспилотни летала покажала дека украинската војска истите уреди ги користела и за нападите врз аеродромите во стратешкиот кримски пристанишен град Севастопол, како и на оние подлабоко на руската територија во Курск, Белгород и Воронеж.

„Утврдено е дека авиониката и станиците за управување на беспилотните летала се произведени од американската компанијата ‘SpektreWorks’, која го извела нивното првично конструирање и тестирање на аеродромот Скотсдејл, во сојузната држава Аризона“, го цитира агенцијата документот за кој не посочува од која служба потекнува.

Подоцна, се додава во информацијата, на територијата на Полска на аеродромот Жешов, кој САД и НАТО го користат како главен логистички центар за снабдување со оружје на Украина, западни воени стручњаци ги извеле последните склопувања и тестирања на беспилотните летала.

Покрај тоа, поставувањето на боевите глави во леталата за нападот врз Севастопол, вчитувањето на мисијата на летот и лансирањето на беспилотните летала биле изведени од локации близу Одеса и Криви Рих во јужна Украина.

„Овие факти, според руската страна, ја потврдува директната вмешаност на САД и Полска како де-факто страни во конфликтот со огромна и логистичка поддршка на режимот во Киев, во подготовката и изведувањето на заедничките терористички акти врз територијата на Русија“, заклучуваат авторите на документот.

Од јули украинската војска со беспилотни летала периодично изведува напади врз Севастопол, историското седиште на руската Црноморска флота како и врз други цели на Крим. Цели на тие напади се командата на флотата, воените авиони и особено енергетската инфраструктура на полуостровот. Руското Министерство за одбрана објави своевремено дека најголем број од овие летала биле соборени од системите за противвоздушна одбрана.

На почетокот од декември руското Министерство за одбрана потврди дека украинските сили се обиделе да изведат напади со дронови врз воените аеродроми во регионот Саратов и Рјазан користејќи беспилотни летала од советско производство. Притоа појаснија дека руските системи за противвоздушна одбрана ги соборила беспилотните летала, а при падот и експлозии на фрагменти од дроновите незначително оштетиле два авиона. Во нападите загинаа тројца руски војници а уште четворица беа ранети.

Притоа руската армија соопшти дека пред нападите на аеродромите во Саратоската и Рјазанската област, повеќе стотици километри во длабочина на руската територија, од 5-ти декември биле применети дронови од советско производство, како и дека двете локации биле снимени на 3-ти и 4-ти декември од комерцијалните сателити на американската компанија Maxkar којa од почетокот на војната на Киев му обезбедува сателитски снимки во реално време за движењата на руските единици.

„Споменатите беспилотни летала ‘Ту-141 Стриж’ (од советско производство каков што пролетта година падна во Загреб лансиран од украинска територија) се насочувани кон целите со помош на американскиот глобален сателитски систем GPS. Покрај тоа, САД и нивните сојузници веќе одамна користат различни вселенски системи за разузнавачко-информатичка поддршка на украинската војска, вклучително за откривање на позициите, правците на движење и дејствијата на руските трупи“, изјави тогаш Константи Гаврилов, шеф на руската делегација на разговорите во Вина за воена безбедност и контрола над вооружувањето.

Според руското воено разузнавање, во текот на 2022 година во погоните на авијацискиот завод во Харков биле изведени работи за модернизација на споменатите беспилотни летала во кои учествувале стручњаци од конструкторското биро „Луч“ од Киев и од американската корпорација „Raytheon Technologies“. Долетот на таков дрон е до 1.000 километри.