Дрска кражба на индиски накит од изложба во Венеција

некои од експонатите на изложбата во венеција

Во текот на изложбата под наслов „Богатствата на могулите и махараџите“ во Дуждовата палата во Венеција дрско се украдени златен брош и обетки, објави италијанската полиција.

Вредноста на овој накит, чифтот обетки и брошот се проценуваат во моментов, и би можеле да достигнат вредност од милион евра, наведоа од истрагата.

Двајцата крадци успеале да го одложат активирањето на алармот на блиндираната витрина во којашто се наоѓал накитот и се изгубиле во масата посетители, соопшти полицијата. Кога се огласил алармот, Дуждовата палата на Плоштадот на свето Марко веднаш е затворена и сите посетители претресени, но тоа било попусто.

Изложбата отворена на почетокот од септември требаше да биде затворена во средата. На неа беа изложени околу 270 драгоцени експонати направени во периодот од XVI до XX век од колекцијата на шеикот Хамад бен Абдула ал-Тани, припадник на катарското кралско семејство.