„Дружината“ на Монти Пајтон подготвена за војна со Русија

страшо ангеловски

Тукушто помисливме дека со заминувањето на Заев, веќе ќе нема кој да го засмејува светот, а нас да не’ понижува со своето незнаење, неумешност, сервилност и глупост, кога, наместо Влада си ја добивме „дружината“ на Монти Пајтон, предводена од „премиерот Монтенегро“ и министерката за одбрана, единствена во светот подготвена за војна.

„Поставувањето на вооружените сили од страна на Русија е провокативно и дестабилизирачко дејствување, што ја намалува безбедноста на европскиот континент…“ – едвај го прочита напишаното, жената која и сама не знае како се најде на функцијата министер за одбрана во монтипајтоновската „дружина“, и остана жива. И не само жива, туку и подготвена, како и нејзините колеги од 2003-та, кои „тргнаа“ на Ирак против „диктаторот“ Садам, да „тргне“ на Русија и „диктаторот“ Путин, за да помогне во заштита на американските национални интереси.

И тогаш, во 2003-та, нејзините тогашни колеги од македонската Влада, дадоа целосна поддршка на војната наспроти дипломатијата, на уривањето, на 500.000 цивилни жртви и на инсталирањето на интересите на Ексон Мобил, Шеврон Тексако, Шел, БП и посебно на Халибртон, компанијата на тогашниот потпретседател на САД, Дик Чејни.  Поддршка на американските воени и бизнис интереси, преку измамата на британскиот премиер Тони Блер дека Ирак поседува нуклеарно оружје.

И, за да биде иронијата поголема, монтипајтоновската министерка соопшти дека македонската армија, 194-та во свет по воена моќ, е подготвена за интервенција во кризните региони во Украина, заради заштита на украинскиот суверенитет, овојпат заради измамата дека Русија подготвува инвазија врз Украина.

Со тоа длабоко го „навреди“ хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој пак јавно изјави дека како врховен командант на хрватската армија, нема да дозволи ниту еден  хрватски војник да учествува во можен воен судир во „длабоко корумпираната“ Украина, својот колега од Бугарија со кого договараат „добрососедски“ односи, кој изјави дека Бугарија ги гледа сопствените национални интереси и нема да дозволи акумулација и распоредување војници на Алијансата. Притоа, го посрамоти и британскиот премиер Борис Џонсон, кој се дрзна да говори и во нејзино име, велејќи дека не постои земја членка на НАТО подготвена да влезе во воен судир со Русија. Човекот не знаел дека монтипајтоновската министерка има сплетено по два чифта дебели зимски чорапи за македонските војници за суровата руска зима.

За оние што незнаат, за Хартленд станува збор

И додека американско и НАТО оружје ја преплавува Украина, со огромна можност да дојде во рацете на неонацистите и радикалите, додека странски воени „советници“ ја крстосуваат Украина, и додека „независните“ светски медиуми подгреваат атмосфера за НАТО интервенција против Русија заради натрупаните руски воени сили на сопствената територија, сакав на членовите на монтипајтоновската дружина да им укажам на сериозноста на состојбата и дека овде не станува збор за украинскиот суверенитет, туку за нешто многу многу посериозно.

Но, свесен дека во своето лудило на стопроцентна сервилност, ниту ќе ме разберат, ниту ќе знаат за што пишувам, многу кратко и што појасно ќе ги наведам нештата.

Имено, уште на почетокот на дваесеттиот век, човекот кој се смета за татко на геополитиката како наука, Хелфорд Макиндер, ја објавува Хартленд (Heartland) теоријата, според која светот се дели на три големи геостратегиски региони. Појдовна точка на поделбата е Осовинскиот регион (Pivot area), кој го претставува центарот на неговата географска шематизација, а го претставува самото јадро на Евроазија и се наоѓа под контрола на Русија. Околу него се наоѓа Внатрешната или периферна полумесечина (Inner or Marginal Crescent), кој го сочинуваат Германија, Австрија, Турција, Индија и Кина. Најоддалечена од својата географска осовина е Надворешната или Островска полумесечина (Outer or Insular Crescent), кој го сочинуваат Велика Британија, Јужна Африка, Австралија, САД, Канада и Јапонија. (Државите се наведени според својата моќ на почетокот на 20 век).

Подоцна, доработувајќи ја својата теорија, зборува за Светскиот остров во кој ги сместува Европа, Азија и Африка како најголема и најбогата поморска база во светот, чиј најважен геостратегиски дел е токму Хартленд (некои се обидуваат да го преведат со „срцето на земјата“, но во сите јазици веќе се одомаќини како Хартленд), па, според него, борбата за глобална доминација, претставува борба за контрола на Светскиот остров, односно неговиот најважен дел, Хартленд.

Колкава е меѓузависноста на овој геополитички систем на Макиндер најдобро се гледа од следниот силогизам:

„Кој владее со источна Европа доминира со Хартленд,

Кој владее со Хартленд доминира со Светскиот остров,

Кој владее со Светскиот остров доминира со светот“.

По распадот на СССР, современата Руска држава под своја контрола го задржува  најголемиот дел од Хартленд, неговиот северен и централен сегмент. Во Централна Азија – Казахстан, Узбекистан, Туркменистан, Таџикистан и Киргистан го добија под контрола јужниот дел од Хартленд. Кавкаските држави од постсоветскиот простор, Грузија, Ерменија и Азербејџан ја контролираат геостратегиската врска меѓу Касписко и Црно море. На западната периферија на Хартленд се појавија два нови геополитички ентитети – Украина и Белорусија.

Бидејќи Каспискиот регион, во кој спаѓаат Каспиското море со брегот, просторот на Кавказ и Централна Азија, кој регион Бжежински го нарече „евроазиски Балкан“, со американското повлекување од Авганистан и со руско-турското пријателство, веќе е под контрола на Русија, па така единствен простор за САД да влезе во Хартленд е Украина. Поточно, територијата на Украина, поделена, опустошена, проретчена од народ, сеедно. Исто како што и беше важен влезот на Македонија во НАТО, обезимена, поделена, федерализирана, сеедно. Токму затоа, постојано правев паралела меѓу Македонија и Украина како две нефункционални држави на тлото на Европа по изведените шарени или обоени револуции.

Темава трпи уште стотина страници текст, но ова беше најкусо можно објаснување за да сфатат од монтипајтоновската дружина дека битката за Украина не е битка на украинскиот народ, туку на големите сили заради просторот за доминација. А, нашите деца нема потреба да гинат во таквите војни, наметнати и бездушни, заради нечии интереси.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес