Дрвјата кај „Тобако 2” исечени со одобрување на Град Скопје

Дрвјата во скопската општина Аеродром, на парцелата кај „Тобако 2” за што граѓаните реагираат веќе подолго време, се исечени со одобрение од Град Скопје, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов за порталот Лидер.

„Инвеститорот на објектот до Град Скопје поднел барање за одобрение за сечење на дрвјата во функција на подготовка на опарцелата за градба. Со барањето има поднесено правосилно решение за градба, ткн градежна дозвола за предметната локација и Град Скопје е обврзан да му издаде одобрение за сечење на садниците. Инвеститорот се обврзал по завршувањето на градбата да засади нови садници“, изјавил портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху во изјавата за Лидер.

Изведбата на зградата ја прави компанијата „Специјал Градба“, а нејзин сопственик е Кочо Стојчески, бизнисмен и раководител на сектор за локален економски развој во општина Центар, објавија медиумите минатата седмица.

Во време на градоначалникот Андреј Жерновски, Стојчески беше унапреден од хаусмајстор во инспектор во Центар. Тој беше потпишан и зад инспекцискиот надзор на белата палата на ВМРО-ДПМНЕ. Во изјава за нашата редакција вели дека нема конфликт меѓу неговите бизниси и државната работа.

Во средата градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, изјави дека е приватна парцелата каде што се сечеа дрвјата за да се гради станбено деловен комплекс. Во изјава за медиумите Марин тврдеше дека бидејќи е парцелата приватна, општината нема надлежност.

Според видео објавено на социјалните мрежи вчера попладне беше уништена зелена површина кај „Тобако 2“ во Аеродром. Тешка механизација ги сечеше и откорнуваше дрвјата за да го подготви просторот за градежни активности. Под дрвјата до сега имаше парк со детски реквизити.

Според информативната табла на локацијата, инвеститор на објектот кој треба да почне да се гради е „Порта Инжинеринг Груп“. Изведувач на работите е фирмата „Специјал градба“. Одобрението за градење е издадено на 4-ти април оваа година.