Држава без историја, народ без иднина!

Секое дрво има свои корења и семка, секое живо има свој сој… Разбирливо, и секој народ свое име, свој идентитет! Држава без историја, народ без иднина.

А, кој ја бриши нашата историја и идентитет, вистината за Македонците и за Македонија? Нам Европа не ни треба за да се спознаеме сега и утре, бидејќи Македонија е во основите на Европа! Корените на христијанството во Европа се во Македонија, првата христијанка во Европа е Македонката Лидија, Светиот Павле христијанизацијата ја започнал во Македонија, па оттука накај Европа! Македонските светители Кирил и Меодиј се патрони на Европа, по македонското евангелие се богослужи во католичките цркви во цела Европа! Зарем, во 21. век некој треба да не учи на вредности и да ја ретушира македонската култура и историја?

Кому му пречи македонската култура и историја во Европа? Срамно и болно е европското расистичко насилство врз Македонците и врз Македонија, бидејќи се гази преку македонската голгота врз која Европа ја гради својата иднина и благосостојба.

Во својата „Вејки на ветерот“, Чашуле вели, историјата ја краде иднината. За жал, денешните „вејки“, ветрот ги однел, велат: Нашиот рецепт за опстој заради непријателствата со соседите – е реформа на образованието, ќе го укинеме предметот историја на Македонија и на Македонскиот народ! Шокантно! Мајсторите на велепредавството само заборавија, дека народ без историја нема иднина.. Па, која иднина ќе ни ја понудат кога Македонците повеќе нема да постојат?

Експертите од министерството за финансии утврдиле дека ревидирањето на учебниците предвидено во договорот со Бугарија и мерките за соработка со Грција, ќе чини многу. Поради дефицит на пари во државната каса, најефтино било целосно укинување на предметот историја. Демек нема логика да се учи историја, бидејќи минатото само ги носело во бунило учениците! Ете таква била политиката за ЖИВОТ во Македонија.

А, каква иднина ќе имаме, кога нема да си ја познаваме сопствената историја, историјата на Македонскиот народ и на Македонија? Што не’ плаши и срами од сопствената историја? Кој ни’ ја пишуваше историјата и кој ни’ ги кроеше судбините досега? Ако вака настапуваме пред сопствениот народ и нашите деца, како сакаме да не’ разберат другите кои не се дел од нашите семејства, особено сите тие кои не’ негираат и во мајчината утроба?

И, наместо сведоштва за нашата историја, да не летнеме ко балон во неизвесната иднина, наместо историја, учениците ќе го учеле предметот иднина, во кој ќе бидат опфатени сите перспективи од евро-атлантските интеграции за Македонија! Има ли нешто посвето и посветло од сопственото културно-историско наследство, за миг „свесно“ да го погребаме, само за нешто што нема толку светли датуми во нивната историја?“.

Тоа е исто како големиот искушеник Авраам, кој за љубовта кон Бога посегнал по жртвување на сопствениот син. За жал, овде искушеници се истите тие кои го предадоа Христа, тие кои подоцна и животот самите си го одзедоа! Далеку е Авраам од овие бедни во душа, оти вербата во сопствениот народ, неговата судбина, измачувањата не ти дозволуваат никогаш да помислиш на ваков гнасен чин, туку напротив на себепочитување, себеспознавање, патриотизам, човекољубие а не на братоубие.

Од својата втора па до својат седма година стануваш човек, од седмата до четрнаесетата добиваш карактер. За каков човек и каратер да зборуваме, кога самите во зародиш ги мразиме таткото и мајката, да не зборуваме за братот и сестрата. И, откога ги изгубиме сите овие во нашите животи, тогаш, мои, ние сме изгубени во вселената, во времето и просторот.

Од сето кажано не случајно извира народната, најпрвин размисли па кажи! Ние на почеток вршиме самоубиство на сопствениот народ и младина, забранувајќи им да си спомнат за своите корени, за македонската култура и историја! А, како се редифинира сопствената историја и народ по убедување, ако не со страв, насилство и десеткување… Со перење на мозокот или со наметнување на невистини, користејќи секојдневни повторувања на лагите, по правилото, стопати повторена лага станува вистина.

И покрај се’ и после се’, едно е јасно, историјата никој нема право да ја бриши, таа е душата на народот. А, кој е тој што сака да му ја одземе душата на Македонскиот народ, веднаш и одговорот: Тој што самиот ја дал својата душа на ѓаволот!

Автор: Слободан Томиќ