Државјани на БиХ депортирани од Германија поврзани со радикални исламисти во Маглај

Тројцата државјани на Босна и Херцеговина коишто ги протера Германија од својата територија поради поврзаност со исламистички тероризам, всушност се тројца браќа кои се по потекло од областа на Маглај во централна Босна, објавија во саботата локалните медиуми.

Станува збор за тројцата браќа Халиловиќ: 29-годишниот Алдин, 24-годишниот Ибрахим и 23-годишниот Анес, се лицата кои Германија ги прогласи опасни по националната безбедност, бидејќи германските безбедносни служби утврдиле дека тројцата се поврзани со терористичката органиација Исламска држава и подготвувале терористички напади на германска територија.

Тие во четврткот биле депортирани од Германија и ги преземале властите во БиХ. Портпаролот на Државната агенција за истраги и заштита (SIPA), Лука Миладиновиќ, не го потврдил идентитетот на лицата, но потврдил дека сите тројца се државјани на БиХ. Полициските иследници ги сослушале во Сараево, а потоа ги пуштиле на слобода, бидејќи немало основа за нивно задржување во притвор, рекол Миладиновиќ.

Идентитетот на депортираните момчиња ги објави бањалучката Алтернативна телевизија (АТВ), а весникот Dnevni avaz објави дека сите тројца се всушност родени во Германија, но родителите пред заминувањето во оваа земја живееле во Маглај. Момчињата наводно во текот на посетата на БиХ престојувале во селото Ошве крај Маглај, кое е познато како едно од седиштата на заедниците на радикалните исламисти – вахабити, и порди тоа станале предмет на заинтересираност на германските безбедносни служби.

Иако браќата Халиловиќ во БиХ се законски слободни лица, тие сепак се под полициски надзор, а наводно име забрането напуштање на местото на престојување.