Државните функции прибежиште со дебела плата за Стојанче Ангелов

Поранешниот полициски генерал и претседател на партијата „Достоинство“, Стојанче Ангелов, најави дека ќе го напушти МВР поради политички ангажман во иднина. Тој преку статус објавен на „Фејсбук“ му се заблагодари на министерот Оливер Спасовски за укажаната доверба и соработка во изминатата година.

Според објави во медиумите, Ангелов се сели во М-НАВ (Македонска навигација), каде ќе биде стручен советник во државната компанија задолжена за воздушниот сообраќај. Неговата почетна плата изнесува 41.000 денари.

Како претседател во оставка на политичката партија „Достоинство“, во овој исклучително значаен, чувствителен и пресвртен момент за нашата татковина, момент од кој зависи нејзината иднина како единствена држава на Македонците и на сите останати нејзини граѓани, држава за која се борев, држава за која крварев, држава за која се уште се борам, овојпат со политички средства и методи, чувствувам обврска за мое политичко реактивирање.

Бидејки Законот за полиција им забранува на полициските службници да раководат со политичка партија, во договор со раководството на „Достоинство“ одлучив да излезам надвор од МВР и мојата професионална кариера да ја продолжам на друго работно место кое нема да биде во судир со мојот планиран политички ангажман. Му благодарам на министерот Оливер Спасовски за укажаната доверба и соработка во изминатата една година, пишува Ангелов.

Тој најавува дека на есен „Достоинство“ ќе одржи конгрес за избор на претседател, потпретседатели и членови на раководните тела на партијата. Во следните неколку месеци партијата ќе изврши и ажурирање на своето членство. Сите издадени членски книшки престануваат да важат. Секој досегашен член кој е согласен со програмата и политиките на „Достоинство“ може да го продолжи своето членство со пополнување на нова пристапница после што ќе добие нова членска книшка на политичката партија.

Една од основните заложби на „Достоинство“ е грижата за македонските Бранители кои учествуваа во одбрана на државата во 2001 година како и грижата за членовите на нивните семејства. Како помал коалиционен партнер на сега владеачкиот СДСМ, благодарение на разбирањето на кое наидуваме кај повеќето претставници на централната и локалната власт, Достоинство досега успешно им помогна на повеќе македонски бранители. Затоа, во оваа прилика, ги повикувам сите македонски бранители од 2001-та кои имаат проблеми од која било област во надлежност на кој било државен орган, да остварат контакт со претставници на локалните или централното раководство на „Достоинство“. Ние од „Достоинство“ ќе дадеме се од себе да им помогнеме на сите македонски бранители, без разлика на нивната верска, етничка или партиска припадност. Достоинство пред се’ , порача Ангелов.

Но, очигледно наместо професионализација, МВР стана служба за дополнителна дејност на погодни политички и партиски послушници. Исто така, за време на локалните избори, иако вработен во МВР, Ангелов активно и јавно учествуваше во политичката кампања на СДСМ, дури за тоа користеше и службени возила. Па така, во една прилика во кумановско Ранковце, тој беше фотографиран за време на кампањата за СДСМ.

Враќање на отпишаните

Вака Ангелов го најави во август минатата година своето враќање во Министерството за внатрешни работи. Тој на својот „Фејсбук“ профил напиша дека наводно по долго размислување, како и во согласност со препораката на раководството на „Достоинство“, откако го известил врвот на коалицијата „ВМРО за Македонија“, одлучил да го прифати предлогот на премиерот Зоран Заев и министерот Оливер Спасовски, да се врати во МВР.

Истовремено тогаш, во МВР на работа беше вратена и неговата сопруга која претходно, во екот на политичката криза и нејзино активно учество во т.н. „Шарена Револуција“, самата одлучи да си даде отказ. Ангелова пред да си замине, во МВР беше на позицијата самостоен инспектор за финансиски криминал во СВР Скопје, но откако СДСМ дојде на власт беше наградена со функцијата советник на државниот секретар.