Македонија

според адвокатите во титаник Држењето на Јанкулоска во судница подолго од два часа е опасно по здравјето на бебето

Држењето на Јанкулоска во судница подолго од два часа е опасно по здравјето на бебето

Адвокатите на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска реагираа на одлуката на судскиот совет во предметот „Титаник“ обвинетата да присуствува по цел ден на рочиштата бидејќи не може да ги исполни своите мајчински обврски и може негативно да се одрази врз здравјето на нејзиното бебе, кое има помалку од два месеца.

Според адвокатот Еленко Миланов, сосема е некоректно да ѝ се одзема времето на Јанкулоска што треба да го мине со бебето, бидејќи е на породилно боледување.

Ако судот одлучува за неговото работно време, треба да води сметка и за нашето работно време. Во ситуација кога една од обвинетите е на трудничко боледување,навистина е некоректно да и се одзема повеќе време од времето што би требало да го помине со своето дете на неполни 2 месеци. Во меѓувреме го видов Законот кој го одредува местото каде што ќе се одржува судењето, но ЗКП не го одредува и времето. Сепак, мислам дека тоа нема да продолжи, не знам, ќе видиме, рече Миланов.

И адвокатот на Јанкулоска, Петар Василев, по завршувањето на денешното рочиште изјави дека одржувањето долги рочишта до 18 часот може да се одрази негативно врз здравјето и развојот на бебето на Јанкулоска.

Држењето на Јанкулоска подолго на судење од 2 до 3 часа на ден е проблематично и за здравјето на детето и по неговиот развој, така што, тој дел ќе треба да се остави на совеста на судиите, рече Василев.

Адвокатката Сања Алексиќ, наместо две од по еден час побара една подолга пауза за Јанкулоска да може да отиде дома и да дои.