Државјанин на Турција осомничен за криумчарење на над 13 килограми злато на Табановце

Основното јавно обвинителство Куманово, постапувајќи по поднесена кривична пријава, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против турски државјанин со живеалиште во Скопје, кој е осомничен за кривично дело – Криумчарење од член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 55-годишник бил корисник на старосна пензија во Република Турција, додека во земјава бил ангажиран со договор на дело како возач на автобус во превозник од Скопје. На 7 август осомничениот управувал со автобус на редовна линија Пореч, Р.Хрватска – Гостивар Р.С. Македонија. На граничниот премин Табановце, преку царинска линија, при влез во земјава, се обидел да ја избегне царинската контрола и пренел непријавена стока од големи размери – златен накит, часовници и златни плочки во вкупна вредност од 36.305.644,81 денари.

Пратката со златни предмети претходно ја зел од хрватски државјанин и ја скрил во делот каде што се наоѓа вентилацијата на автобусот. При контрола од овластени царински службеници таму биле пронајдени 18 пакувања во кои имало 97 златни прстени, 39 златни огрлици, 133 златни нараквици, 4 парчиња нараквици со полускапоцени камења, 5 парчиња сини златни нараквици, 8 парчиња жолти златни нараквици, 5 парчиња гумени нараквици со златни плочки, 5 парчиња часовници златни без механизми и нивни делови, 33 парчиња златни приврзоци, 91 парчиња златни обетки, 23 парчиња златни монети, 48 парчиња златен кршен накит, 73 парчиња златни плочки во правоаголна и друга форма и 3 пакети злато во гранули. Златните предмети биле со вкупна тежина од 13,3 килограми.

Основно јавно обвинителство Куманово до судијата на претходна постапка на Основниот суд во Куманово поднесе предлог за определување на мерката притвор против осомничениот, бидејќи постои основан страв дека може да се даде во бегство, но и да го повтори кривичното дело доколку се брани од слобода.​

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.