Држава на мафијата

102

Кога ќе се направи анализа на случувањата во последните три години ќе се заклучи дека Република Македонија и не помина толку лошо на рангирањето на Transparency International Corruption Perceptions Index 2019, односно на 106 место од 180 можни позиции.

Вистината е дека изминатите три години корупцијата не е скриена, напротив коруптивните дејствија јавно се реализираат, институциите се замолчени, нема никаква одговорност. Се спроведуваа и сеуште се спроведуваат криминални јавни набавки изразени во милиони евра, пишува во својата анализа порталот Курир.мк

За краток временски период поединци создадоа богатства од десетици милиони евра (некои и стотици милиони евра), нешто што во држави како САД, Австралија, Велика Британија, Германија е незамисливо.

Има една анегдота од средба на наш бизнисмен со потенцијален партнер од западна земја. Имено, на деловната вечера странецот ја претставил компанијата која била создадена од дедо му, а татко му му ја оставил во наследство. На ова нашиот се пофалил дека самиот ја создал неговата компанија и дека капиталот е од последните три години. По завршувањето на вечерата странскиот потенцијален партнер повеќе не се јавил.

По објавувањето на Извештајот на Transparency International  за перцепцијата за степенот на корупција во 2019 во Република Македонија во медиумите имаше бледо пренесување на една до две изјави, се разбира и овде владината пи ар служба презема мерки за санирање на штетите, иако во други времиња ова ќе беше топ тема минимум десетина дена, со дебати, тркалезни маси, загрижени експерти и слични манипулатори.

Претседателката на ДКСК драматичното влошувањето на позицијата на Република Македонија (што укажува на правен хаос, сеопшто разграбување, неефикасни регулаторни институции),  го поврзува со случајот „Рекет“ и се надева дека неговото судско процесуирање ќе има позитивен ефект.

Вистината е дека случајот „Рекет“ покажа дека власта се чувствува незапирливо, самобендисано, дека може да прави што сака, и тоа јавно, беа да помисли на одговорност. Но овој случај е далеку од целосно расчистување. Скандалозно е постапувањето на јавното обвинителство, имено, со месеци имале пријава за криминалот, знаеле дека специјалната обвинителка е вклучена во криминалната мрежа, но и дозволија да уништува траги на работно место, да форматира телефони, па и да оди на годишен одмор. Ваквите дејствија на јавното обвинителство имаат елементи на самостојно кривично дело, во најмала рака извршено со несторување – пропуштање на должното поведение, и како за потсетување за вакви обвиненија некои луѓе лежат во затвор за настаните од 27 април.

Да, случајот „Рекет“ ќе има влијание на реформите во правосудството во Република Македонија, но и лаиците во правото гледаат дека самото судење е голема фарса. Ова е едно конролирано судење со цел да се нанесе минимална штета на власта пред избори, а вистината е дека власта е целосно инволвирана, се спомнуваат имиња на членови од владиниот кабинет, на парламентарци и други функционери.

Овој случај не може да заврши со „одговорност“ на тројцата обвинети, ова е премногу големо и можеби е последен момент јавното обвинителство да се ослободи од стегите и да го прошири обвинението  – да ја презентира вистината за овој корупциски скандал. Како вид на помош, во случајот има неколку точки од кои може да се открие целата вистина но “најслаба карика“ е член на семејството на еден од обвинетите.

Погледнете ја само поранешната специјална обвинителка како влегува насмеана на судење на последните неколку рочишта. Нејзината насмевка пред новинарите „од уво до уво“ покажува дека таа не е загрижена ниту за судењето, ниту за постапките на обвинителството. Сигурно некој ја охрабрил со зборовите: „не се секирај никој ништо не ти можи, само ти ќути.“

Во ваква ситуација, нема никаква логика да се носи нов закон за јавно обвинителство а во исто време таа институција, на очиглед на сите граѓани, да внимава каква ќе биде штетата за власта. Не е проблемот во нормите туку во интегритетот на луѓето што треба да ги спроведуваат тие норми.

До ова очајна позиција не доведе и клиентализмот во правосудството, се разбира не кај сите вработени,  но факт е дека за да се поместиме од оваа негативна точка потребна ни е коренита реформа во правосудството. Доста ни е од непотизам, партиска наклонетост, корупција и испреплетени црева во сите институции на правосудството, што ќе ни се разноразни совети ако тие место правно делуваат политички.

Треба да се почне од интегритетот, но најпрво интегритет на оние кои ќе ги создаваат новите правосудни институции.

За на крај, ако во целост се отвори случајот „Рекет“ (а во меѓувреме има уште илјадници други „Рекети“ кои сеуште се реализираат), Transparency International ќе ја корегира нашата позиција бидејќи ќе не стави во друштво на Сомалија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.