Држава – окупирана, Влада – де факто, НАТО – солидарно

страшо ангеловски

Верувам дека останаа малкумина (освен оние кои и не сакаат да знаат) кои се’ уште не знаат што се случува во и со Република Македонија. Најкусо можно објаснето, тоа би изгледало вака:

ВЛАДА ДЕ ФАКТО (прв чекор)
Влада де факто (de facto: од латински facere – да правиш и factum – факт, дело, збиднување, изведен е прилогот de facto – всушност, вистинито, самоволно, во реалноста…) претставува Влада која навистина постои иако е формирана спротивно на важечкиот уставно-правен поредок, како и спротивно на правилата за промена на Владата што тој поредок ги предвидува. Тоа, кажано со два збора, значи – нелегитимна Влада.

Таквата Влада е целосно спротивна на „Влада де јуре“ (de iure), како тип на Влада воспоставена според сите правила за воспоставување Влада, предвидени со постоечкиот правен поредок.

Појавата, положбата и карактерот на „Владата де факто“ се прашања кои потпаѓаат под уставното право на една држава. Но, бидејќи појавата на таква Влада ги засега и другите држави заради односот со државата каде таквата Влада егзистира, таа станува предмет и на меѓународното право.

Бидејќи, со настаните од 27 април, е формирано парламентарно мнозинство без мнозинство, спротивно на Уставот и законите на Република Македонија, Владата формирана од тоа мнозинство е Влада формирана спротивно на важечкиот уставно-правен поредок и треба да се смета за „Влада де факто“. Нелегитимна Влада која подлежи на преиспитување од домашното уставно право, но и од меѓународното право, доколку такво нешто постои во моментов. Таквата Влада, значи, е првиот правен дефект со кој се соочува Република Македонија, а за кој оние кои го предизвикаа ќе мора да одговараат, а одлуките и меѓународните договори на таквата Влада да бидат подложени на целосна ревизија и укинати.

ГАРАНТНА ОКУПАЦИЈА (втор чекор)
Во политичката историја имаме примери кога до окупација доаѓало и без војна, со заземање на територијата на туѓа држава врз основа на договор, за да се обезбеди целосно извршување на преземените обврски со тој договор. Тоа се вика „гарантна окупација“.

За жал, со формирањето на „Владата де факто“ на Зоран Заев и со потпишувањето на договорот од Преспа, Република Македонија се најде под гарантна окупација на Атина, која преку оваа и ваква Влада, со непримерено и во светската практика се’ уште невидено мешање во внатрешните работи на една суверена држава, го обезбедува извршувањето на преземените обврски со тој договор.

За да биде несреќата поголема, се докажува дека ваквата „Влада де факто“ на Заев, со договорот со Софија и со прифаќање на Тиранската платформа, ја довела Република Македонија во состојба на гарантна окупација и во односите со Софија и Тирана. Имено, сведоци сме на нивното бескрупулозно мешање во внатрешните работи на државава се’ до исполнување на сите преземени обврски од страна на веќе докажано нелегитимната Влада на Заев.

Па така, прифаќајќи состојба на гарантна окупација, Заев и неговата „Влада де факто“, преку интензивно извршување на преземените обврски кон Атина, Софија и Тирана, спротивно на сите меѓународно-правни норми, врши целосно бришење на македонската држава, македонскиот народ и целокупното македонско постоење, низ историјата и денес.

Тоа е вториот правен дефект, заради кој неговите извршители ќе мора да одговараат, а сите одлуки и реализирани обврски во време на „гарантна окупација“ (што претставува суштинска окупација) мора да бидат подложени на ревизија и укинати.

НАТО СОЛИДАРНОСТ (трет чекор)
„Солидарноста е клучниот принцип на НАТО“ – беше папагалски повторувано од сите кои со децении наназад не’ убедуваа дека со влезот во НАТО, Македонија ќе доживее вистинска преродба, а дека принципот на солидарност ќе го почувствуваме како благодет на кој му нема рамен.

За сите оние кои денес бесрамно слават една година откако после формирањето „Влада де факто“ и прифаќањето гарантна окупација од Атина, Софија и Тирана, НАТО ја приграби оваа обезимена и обезличена територија како своја депонија, еве ги резултатите на клучниот принцип на НАТО – солидарноста.

Битката на НАТО против пандемијата со вакцинирање на граѓаните на државите членки:
САД вакцинирале над 19 проценти, Велика Британија речиси 22 проценти, додека, на пример, СР Германија – 6,3, Италија и Шпанија – по 6,4, Холандија и Белгија – по 4,3, оносно 5,8 вакцинирани. Истовремено, Црна Гора и Албанија, како рамноправни партнери во НАТО – 0,6, а Република Македонија, како „додадена вредност на НАТО“, што би рекла Шеќеринска, – 0,1 отсто вакцинирани граѓани.

Па, сепак кај оние кои ја слават годишнината, не смее да има место за незадоволство, бидејќи треба да знаат дека овие проценти ќе бидат сосема различни и ќе бидат во полза на Република Македонија, кога многу скоро, според реториката на Бајден, ќе треба да се испраќаат млади момчиња да гинат во залудните битки, во некоја недојдија, некаде на патот на нафтата или гасот. Тогаш, најверојатно, Македонија ќе биде некаде високо на скалата со највисок процент испратени момчиња во можна смрт за туѓи интереси, со што, Шеќеринска и милитантните агитатори ќе можат да се гордеат.
Ете како и зошто, во само три чекори Македонија треба да биде уништена, а македонскиот народ избришан од именикот на народите. Тоа е она, најкусо можно кажано, што ни се случува последниве четири години. Тоа е она на што мораме да се спротивставиме – со револуција во умот и револуција на улиците. Ако сакаме да го продолжиме своето милениумско постоење.

За крај, среќен пат во Србија на „вакцина туризам“ на годишнината од НАТО интеграцијата.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес