Држава со истечен рок на употреба

Додека се забавуваме и не’ занимаваат со аферата „Рекет“, полека ни исчезнува државата. Едно по едно исчезнуваат обележјата на она што некогаш беше држава на  македонскиот народ. Ова веќе не е државата што ја знаевме и во која израснавме. Онаа држава над која се роди сонцето на слободата во деведесетите како идеал на сите оние што ја сакаа, сонуваа и за која гинеа. Не е државата на која и’ се радувавме и на која и’ служевме. Гледате како станува „вашата“, „нашата“ во вокабуларот на политичарите, „експертите“, нашите институции. Колку е жално и тажно да ја гледаш само цензурата во земјава кога треба да се изговори зборот Македонија. Само го чекам денот кога ќе мора да го шепотиме. Гревно и јадно. Станавме држава со упатство за употреба на се’ што е македонски.

После долго и неизвесно чекање, конечно и тоа ќе се случи. Се очекува во вторник Македонската академија на науките и  уметностите да го добие новото име, согласно преспанскиот договор. Трустот на „мозоци“, македонските „мудреци“ и чувари на македонската колективна меморија не се веќе македонски. Тивко, мирно и, како секогаш во долгата македонска историја, без лично достоинство и научен интегритет академците ја одмолчеа Северна Македонија. Како и се’ друго што одмолчија. Но, затоа ќе си читаат поезија во Охрид, како ништо да не се случува значајно. Нивната историска интелектуална традиција и мисија беше и остана сервилноста кон власта. Поставени да слугуваат, добро си ја одработуваат својата цел на постоење. Анштајн ќе запише дека интелигенцијата се мери со способноста да се менувате. Нашите академци си останаа исти. Молчаливи и предвидливи во времето на промени. Зачаурени во својата сервилност, немоќ и интелектуална стерилност станаа огледало на новата држава во зародиш. Затоа веќе не ја гледам смислата на нивното постоење. Инфериорни во секој поглед. Но, реално никој не може да ве направи инфериорен без ваша согласност.

Изгледа премногу сум емотивен и негативен. Можеби, сепак има надеж за нашите академци. Мислам дека можат да бидат корисни. Заборавив дека некој ќе мора да ја пишува новата историја на Северна Македонија. Кој, ако не тие. Онаа историја од Коминтерната, па наваму. Другата им ја дадовме на Бугарите и Грците. Тие знаат и умеат како да одговорат на нарачките од власта. Нема историја што не можат да ја измислат и напишат. Зашто за нив историјата е жива материја. Подложна на промени и различни толкувања. Инстант историја за инстант држава.

Верувам дека новата историја ќе биде подобра од оригиналот. Верувам ќе ја најдат и северно македонската нација во нивните интелектуални подруми. Нивната креативност е безгранична кога треба да се додворат на власта. За такви „мудреци“ и научни „величини“ лесно е монополот на новата вистина што ни ја пропагира власта да ја преточат во слово. Словото што треба да не приближи кон ЕУ и кој знае, кон европското уставно компаративно право. Како што ќе забележи фејсбук Министерот за надворешни работи за по дома, Никола Димитров. Има една мисла која вели дека подобро е да молчиш со ризик да те сметаат за недоветен, отколку да зборувате и да ги отстраните сите сомнежи за тоа. Ваков дилентатизам и незнаење може да има само во Северна Македонија. Само во твојата Северна Македонија може да има компаративно европско уставно право јаден Никола. Тоа е спецификата на новата држава во зародиш. Да си тресеш зелени и никому ништо.

Тоа е оној ист министер што ме направи географски Македонец. Не етнички. И кој правото на самоопределување и самоидентификација ми го забетонира за по дома. А, домата може и да не биде на географскиот простор на она што се нарекува Македонија. Може да биде секаде во светот. И верувам дека да се кажувате Македонец ќе биде полесно надвор, отколку внатре во државата.

Затоа имам дилема! Што е тоа што ќе ме задржи да продолжам да живеам на овој простор кој се нарекува Северна Македонија? Држава и општество кое е мултиетничко, клептократско, патерналистичко и до коска корумпирано, во кое се сатанизира љубовта кон татковината и во кое се изгуби националниот предзнак на тоа што сум и кој сум. Секогаш сум мислел дека сум посебен затоа што сум Македонец. Власта вели не сум. Јас сум само дел од добро познатата македонска салата. Заради вакви со векови сме талкале по светот. Без држава. Изгледа сме осудени да продолжиме да го правиме тоа. Осудени од своите, или од оние што никогаш не биле тоа. Оние што „гордо“ извикуваа на Илинден, Северна, Северна. Кога државата ти ја направија спрдачина, немаш избор. Освен да заминеш. Зашто државата на македонскиот народ неповратно исчезнува. Можеби нема да ја најдам надвор каде ќе заминам и ќе бидам осуден да бидам вечен странец. Но, се’ е подобро од тоа да бидете странец во сопствената држава. Тоа е проклетството што ми го испорача оваа власт.

Можеби просечниот граѓанин лесно ќе го заведат политичките шарлатани, како оној насмеаниот министер за понадвор. Што не разликува, нација, национално, етничко. Сепак сум доволно образован да го видам безизлезот на патот по кој сме тргнати. А, таму каде ме водат вакви политички шарлатани не сакам да одам. Во нивната блескава иднина, не гледам иднина. За мене и моето семејство. Затоа време е да се спакуваат куферите и сеќавањата. Зашто не сакам да бидам соучесник и заложник на предавнички лицемери и демагози. На баграта бившо-комунистичка што ја предаде државата на Белград во далечната 1945. И сега новата, повторно на Брисел. Или кој и да е.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес