Државата ги ослободува компаниите од трошоци за социјално осигурување ако вработат лица до 29 години

90

Владата на денешната седница донесе одлука со која ќе помогне во одржување на позитивниот тренд за отворање на нови работни места, за вработување на граѓаните и намалување на невработеноста. Со измените на три законски решенија во фокус е вработување на младите лица до 29 годишна возраст.

„Специјален фокус е вработувањето на младите лица до 29 годишна возраст. Владата со нови законски решенија, односно со измени во три закони, се предвидува ослободување од плаќање на социјални придонеси за работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат млади лица до 29-годишна возраст кои се на евиденција на Агенцијата за вработување како невработени лица. Работодавач кој ќе вработи невработено лице до 29 годишна возраст ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за тоа лице и тоа придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, придонеси за здравствено осигурување, придонеси за осигурување во случај на невработеност,“изјави премиерот Никола Груевски.

Ослободувањата од социјалните придонеси за работодавачот ќе бидат во период од 12 месеци, со обврска ангажираното лице за кое бил ослободен од плаќање на придонеси да го задржи на работа уште една година.

„Ослободувањето ќе се однесува на основицата на која се плаќаат социјалните придонеси односно основицата од просечната бруто плата од претходната година. Доколку работодавачот исплати нето плата повисока од просечната плата, ќе треба да изврши доплата на социјалните придонеси на разликата.Покрај ослобводувањето од социјалните придонеси, работодавачот ќе биде ослободен од плаќање на персонален данок на доход,“ потенцираше Груевски

Ова за работодавачот значи намалување на трошоците за вработувања за околу 37 отсто, односно за 27 отсто за придонеси и 10 отсто за персонален данок. Условот кој треба да го исполни работодавачот кој ќе вработи невработено лице до 29 години е да нема намалување на бројот на невработените на неопределно време од 1 јануари 2014 година до денот на вработувањето на новите работници за кои ќе важи оваа можност.

Работодавачот треба да поднесе барање до Агенцијата за вработување на Македонија за користење на оваа можност. Работодавачот кој неосновано ќе го намали бројот на вработени во период од 24 месеци и ќе го откаже договорот за вработување, има обврска за плаќање на придонесите од задолжителното социјално осигурување.

Освен што ќе се поттикне вработувањето на младите лица, ова е големо олеснување за бизнис заедницата.Средствата од кои се ослободени, а кои претставуваат трошоци можат да бидат употребени за развој на нивниот бизнис.

Мерката ќе трае две години со можност за нејзино продолжување доколку ефектите се како што се очекува. Со неа се опфатени 45 илјади лица од кои 25 илјади лица се активни баратели, а 20 илјади се пасивни баратели на работа во Агенцијата за вработување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.