Државата им платила на Грците за Клиничката болница во Штип, македонските фирми ќе почекаат!

Скандалозната уплата на повеќе од 2,5 милиони евра од Министерството за здравство на контото на компанијата „Интраком констракшн – Интракат Грција“, извршена од министерот во заминување Венко Филипче, нема да го спаси проектот „Клиничка болница Штип“, за кој пари обезбеди Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), но потоа го раскина договорот со Македонија.

Грчката компанија веќе ги „испумпала“ парите од својата македонска подружница, а долго најавуваниот проект и натаму доцни, открива ПЛУСИНФО.

Како што е познато, Клиничката болница во Штип требаше да биде изградена до 2019 година. Не бидна ништо од тоа ветување. Потоа се рече дека ќе биде готова во 2020 година, а на крајот се тврдеше дека ќе биде изградена во 2021 година. Сега се спомнува дека крајниот рок за завршување на работите е 2022 година. Но, на објектот не се работи ништо што би навестило дека тој ќе биде завршен во блиска иднина.

Празни ветувања, поарчени пари

Во ова време минатата година, провладините медиуми си смислија приказна како да се оправда доцнењето на проектот. Повикувајќи се на извори од грчката компанија, тие објавија дека до блокадата на изградбата дошло поради тоа што фирмата „Бетон Штип во стечај“, до 2018 година подизведувач на работите, води судски спор против изведувачот, со цел да наплати 2 милиони евра ненаплатени побарувања. „Вината“ беше натоварена на грбот на бизнисмените Орце Камчев, Дејан Панделески и Сергеј Самсоненко, кои во обид да ја спасат фирмата „Бетон Штип“, ја блокирале сметката на „Интракат“. Секако, пред една година, секоја приказна во која се спомнуваа „ѓаволските бизнисмени“ палеше во јавноста. Но, по многу скандалозни постапки на владата на „ангелите“ Зоран Заев и Венко Филипче, перцепцијата битно се промени. А последниве настани, ете, го потврдија она што Плусинфо го пишуваше лани во јануари.

Каква врска има судскиот спор меѓу „Бетон Штип“ и грчката компанија „Интракат“ со ветувањата на ведетите на тогашната власт дека штипската болница ќе биде готова додека да кажеш ефхаристо? Ова прашање тогаш го постави Плусинфо. Според тогашните официјални математики, инвеститорот, државата, на изведувачот, грчката компанија „Интраком“, со која од 2015 година има договор за изградба на штипската болница, тогаш требаше да му изброи 42 милиони евра. Остана нејасно како за „Интракат“ не биле проблем тие 42 милиони евра, туку проблем биле баш оние тогашни 2 милиони евра, кои беа предмет на судскиот спор со „Бетон Штип“.

Инаку, грчкиот изведувач тогаш тврдеше дека на „Бетон Штип“ не му должи 2 милиони евра, дека за побарувањето дознале откако им биле блокирани сметките, дека претходно судот во Скопје за спорот се огласил ненадлежен ама штипскиот суд пресудил во полза на „Бетон Штип“ и дека правосилната пресуда е извршена откако наводно со фалсификувани потписи било примено извршното решение. Грчката компанија тврдеше дека воопшто не била во можност да ја обжали неправосилната пресуда (не е знајала), а и дека според договорот со инвеститорот, за ваква работа не биле надлежни македонските судови, туку Арбитражниот суд во Париз.

Но, настрана од оваа филмска приказна, остана фактот дека „Бетон Штип“ си бара заработени пари, свои и на 600 други македонски фирми, врз основа на неплатени времени ситуации за извршени градежни работи и фактури за испорачани градежни материјали за изградба на Клиничката болница во Штип. До Основниот суд во Штип, против фирмата „Интракат“, бил поднесен предлог за издавање судски платен налог. Судот донел решение на 25 февруари 2020 година (ПЛ-ТС-1/20) и уредно го доставил до двете странки во постапката. По правосилноста и извршноста на решението, истото било процесуирано преку местно надлежен извршител за присилна наплата. По негов налог, на 5 август 2020 година сметката на „Интракат“ е блокирана.

Да биде уште појасно. Станува збор за обврски на „Интракат“, кој како изведувач на проектот „Клиничка болница Штип“ ги имал кон „Бетон Штип“ како негов подизведувач. Иако „Интракат“ ги наплатил во целост сите тие извршени работи (цехот го платил, нормално, инвеститорот, Министерството за здравство), грчката компанија сепак не му ги исплатила парите на „Бетон Штип“ согласно со договорот, туку напротив, неосновано го раскинала договорот за подизведување, што директно како последица предизвикало активирање на банкарски гаранции (само гаранцијата за овој тендер не е активирана, спротивно на сите законски прописи) и блокади, по што следувало и отворање стечајна постапка, отпуштање на повеќе од 400 работници и неплатени обврски кон повеќе од 600 домашни правни субјекти, кои работеле како подизведувачи на проектот.

Има ли докази за ова тврдење? Има цел куп, велат од фирмата подизведувач. Има фактури. Но, не само тоа. Сите „времени ситуации“, тврди подизведувачот, се примени, потпишани и одобрени и од „Интракат“ како изведувач и од Министерството за здравство како инвеститор. Со други зборови, сè што е сработено, оверено е со потписи. Затоа, станува збор за целосно основано побарување на „Бетон Штип“, докажано во законита судска постапка, чие постоење при книговодствените срамнувања го потврдувала и самата фирма „Интракат“ и за што постоат и судско вештачење, документи, завршни сметки и ревизорски извештаи, кои „Бетон Штип“, како акционерско друштво, ги има доставено и на Македонската берза.

Целата вест може да ја прочитате ТУКА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.