Државата уназадува, Македонија е на дното на сите листи, а сметката за тоа ја плаќаат граѓаните, вели Ѓорчев

-Катастрофа до катастрофа секој ден, аферите кои ги продуцира оваа власт не се бројат во десетици, туку во стотици. Нема ден каде две, три или четири работи вонредно скандалозни не се случиле. Проблемот е што нема разрешница, власта оди на тактика на загушување на тие афери со нови, изјави Влатко Ѓорчев, член на ИК на МВРО-ДПМНЕ за „Што не е јасно“ на Алфа ТВ.

Тој потенцираше дека Македонија е на дното на сите можни листи, ужас е што сметката за сето тоа ја плаќаат граѓаните, а државата уназадува и станува полошо место за живеење.

– Разочарувањето на граѓаните е разбирливо и во врска со државните и во врска со економските прашања. Во моментов Македонија е на последно место во било која листа, на мизерија, на невработеност, на инвестиции. Граѓаните го чувствуваат тоа кога одат во маркет. Нема човек кој кога ќе ги види цените косата не му се крева. Цените на основните продукти се отидени по 70%, 100% или 150%. Зборуваме за маслото, јајцата, лебот, месото, тестенините, рече Ѓорчев.

– Едно време Македонија беше земја во која доаѓаа премиерите на околните земји и министрите да учат економија, воведување на ДДВ, како се собираат инвестиции, економски проекти, како се градат патишта. Сега Македонија е најлоша и ако ги погледнеме земјите од соседството тоа станува јасно. Врање стана Скандинавија за Македонија, дојдовме до таква ситуација, изјави тој и додаде дека од таква ситуација некогаш, сега дојде време од Србија да молиме за струја, за масло, за брашно и цела влада да оди да се слика на Табановце за вакцини. „Дојдовме до менталитет на просење“, посочи тој.