Државата за 2,6 пати е над просекот на починати поради КОВИД-19

Црна недела во Македонија, за два дена дури 16 пациенти заболени со КОВИД-19 ја изгубија битката, со што бројката на починати се искачи на 668. Јавноста прашува дали состојбата е излезена од контрола или станува збор за грешки во терапијата, ненавременто носење во болница и проблеми со респираторните апарати е прашање на кое веднаш треба да одгoвoрат властите.

Меѓу починатите имаше и млади луѓе кои беа на возраст од 23, 29 и 44 години.Од Министерството за здравство објаснија дека двете млади пациентки кои починаа биле хоспитализирани поради КОВИД-19 и имале претходни заболувања. Дваесет и тригодишната пациентка од Скопје, четири дена имала температура, кашлица и тешко дишење. Била хоспитализирана на 12 септември на Инфективната клиника во Скопје. Како тежок пациент веднаш била ставена на кислород. Ден пред да настапи смртта, нејзината состојба се влошила поради пад на сатурацијата, по што била ставена на неинвазивна вентилација. Смртта кај неа настапила нагло. Пациентката имала коморбидитети, опериран тумор на хипофиза и морбус кушинг – ендокринолошко заболување. Другата почината пациентката на возраст од 29 години е од Струмица, а смртта настапила додека се лекувала во Клиниката „Жан Митрев“. Во епидемиолошкиот извештај на Институтот за јавно здравје е наведено дека имала заболување на тироидната жлезда.

Филипче во неколку наврати истакнуваше дека огромен дел од смртноста кај заболените пациенти е заради тоа што доцна се јавуваат на болничко лекување и дури 50% од смртните случаи се по првите неколку денови од приемот во болница. Заради тоа е неопходно по влошување на симптомите, пациентите веднаш преку матичен лекар да се јават за болничко лекување.

„Има многу такви случаи во коишто има влошување на состојбата во домашни услови, има влошување на состојбата и додека се пациентите во болница. Мора да знаат сите дека и најмало влошување треба да се земе крајно сериозно, треба да е сигнал за да се хоспитализира пациентот “, изјави Филипче на една од неговите прес конференции.

„Короназаразата премина во фијаско и државата споредено со сите околни земји убедливо најлошо се справува со короната. Филипче, Заев и Спасовски беше триото кое прогласи победа против пандемијата која од тогаш до сега одзема стотици животи. Наместо пи-ар Филипче преку државните механизми да превземе мерки за ублажување на последиците. Темата корона, Филипче исто како и Заев ја користи за по-ар и себепромоција иако резултатите се поразителни“, пишува опозициската ВМРО-ДПМНЕ во свои соопштенија.

За ситуацијата со КОВИД-19 во Македонија коментираат и бројни доктори бидејќи бројките во државата од заразените и починатите се поразителни.

„Загрижувачка е и одлуката владата вештачки да ја нормалзира состојбата со короната и да ги врати хронично болните и трудниците на работа“, додава микрибиологот Никола Пановски во изјава за Телма телевизија.

Загрижувачки и застрашувачки е податокот дека на листата на држави во светот, според број на починати на милион жители, се наоѓаме на 21 место со 317 починати на милион жители, од повеќе од 200 рангирани земји. Ако се разгледа рангирањето, ќе се види дека од европските држави полоша е состојбата во земјите како Шведска, Холандија, Велика Британија каде немаше воопшто или имаше мали рестириктивни мерки. Во однос на регионот, сите држави имаат помалку починати во споредба со нас. Босна и Херцеговина 221, Албанија 118, Бугарија 105, Србија 84, Грција 30 починати на милион жители. Светскиот просек на починати на милион жители е 120, што значи дека го надминуваме за 2.6 пати.

Одредени лекари забележуваат дека досега не е направена анализа на бројките на починати пациенти која би покажала што е вистинската причина за морбидитет и за смртноста во Македонија.

„Дали тоа е возраста, коморбидитетите, обезноста (дебелината), задоцнетиот почеток на третман, религиската определба, видот на третман. Каков бил третманот и која терапија дала најдобри резултати. Објаснување за смртноста може да се добие доколку се објават овие анализи и резултати“, вели доктор Игор Николов за Слободен печат.

Во изминатите два дена поразителните бројки од починати лица можеби треба да се показател за министерот Венко Филипче дека очигледно е да има некој пропуст во системот на движење на овие пациенти и можеби би требало нешто да се менува во начинот на лекување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.