Државната пошта уште две години монопол, по шести пат се одложи либерализацијата на пазарот

Уште едно одложување на либерализацијата на поштенскиот пазар бара Владата со изготвен предлог-закон за измена на Законот за поштенските услуги. Со него се предлага монополот на националната пошта да продолжи и во наредните две години, до 2022, пишува Вечер.пресс.мк.

Досега овој процес, на кој инсистира и Европската Унија, со носење на вакви законски измени, но со рок на траење од една година, е закочен дури пет пати. Монополската позиција на државната пошта над другите 39 приватни оператори колку што ги има во државата се состои во тоа што таа има повластената цена за пратките за коресподенција до 50 грама, во кои спаѓаат и сметките за комуналии. За вакви пратки државната пошта наплатува 25 денари, додека за останатите поштенски оператори државата утврди цена од најмалку 62,5 денари.

Овој предлог за ново одложување на целосната либерализација на поштенскиот пазар се случува во период кога Владата го отвора прашањето за отуѓување на ова државно акционерско друштво преку продажба или јавно приватно партнерство. Измените на Законот за поштенски услуги Владата ги усвои на седница минатата недела и истовремено ги задолжи вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Национални пошти Ејуп Рустеми, да иницираат подготовка на физибилити студија за можностите за отпочнување на постапка за преземање на компанијата со јавно приватно партнерство или со приватизација. Како што стоеше во соопштението што тогаш го даде Владата, ова се прави со цел да продолжи процесот на либерализација на поштенските услуги во земјата согласно регулативата на ЕУ.

Малку потоа вицепремиерот Артан Груби информира дека словенечката пошта е заинтересирана да ја купи нашата државна пошта.

Националната пошта со години генерира загуби и покрај тоа што има милионски зделки за разнесување на пратките на државни и правосудни институции. Сега е во посебно лоша ситуација откако по пропаста на Еуростандард банка остана без приходите од договорот со неа за изнајмување на поштенските шалтери за вршење платен промет. Истовремено, поради пандемијата има и пад на приходите, особено во меѓународниот сообраќај.

Минатата година А.Д. Пошта имала приходи од 19,4 милиони евра, а со над 2.000 вработени била еден од најголемите работодавци во државата. Истовремено, Македонска пошта има долг од еден милион евра, кој до крајот на годинава ќе надмине два милиона.

Првиот обид за приватизација на ова државно акционерско друштво се направи во 2009 година, кога заинтересирана за купување беше Канадска пошта. Од необјаснети причини ова пропадна и тогаш државата плати пенали од над 200 илјади канадски долари.

Пошта со години е прибежиште на кадри на ДУИ, кои со неа директоруваат цели 16 години. Во тој период се случи грабеж и голем пожар во главната пашата во Скопје, но епилог на овие ситуации нема. Како што е најавено, со најновата распределба на директорските места во државните претпријатија, на чело на Пошта треба да застане претставник на македонскиот политички блок.