Државниот карантин ќе се укине кога ќе се отворат границите, најави Филипче

Во оној момент кога ќе се отворат границите, кога граѓаните ќе почнат да ги поминуваат границите, мерката задолжителен државен карантите која сега е во сила ќе биде невозможно да се спроведе, истакнува министерот за здравство Венко Филипче.

Тој вели дека токму во овој контекст се средбите што од Атина ги започна со неговите колеги во регионот, на кои се бараат начини за пристап до здравствена нега доколку е потребно и брз начин да се утврдат контактите при евентуален позитивен случај на зараза.

„Добро е што сите земји во регионот се во иста ризична група од заболувањето и затоа сметаме дека може да имаме еден ваков унифициран пристап кој ќе важи за повеќе земји во регионот. Најпрво ќе ги договориме овие работи во однос на нашата билатерална соработка со Грција, па потоа и со другите соседни земји“, најави Флипче во интервју за Сител.

На почетокот од воведувањето на мерките, државниот карантин беше 14 дена за сите кои се враќаат во земјава од странство.

На 13 април Владата ја дополни Уредбата за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба, според која, секој државјанин на нашата земја, кој влегува во земјава по 13-ти април, а бил затекнат во земји со висок ризик од коронавирус, според листата на Светската здравствена организација (СЗО), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од најмалку 21 ден од денот на пристигнувањето во државава.