Државниот секретар Јахија во посета на Црна Гора

Во рамките на работната посета во Подгорица, државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахија, оствари заедничка средба со државниот секретар при Министерството за внатрешни работи на Црна Гора, Јадранка Војновиќ и генералниот директор на Директоратот за администрација и локална самоуправа, Веселин Вукчевиќ.

На средбата беа разменети мислења и искуства од областа на државната администрација на двете земји и се согледаа можностите за идна соработка. Воедно, беше оценето дека унапредувањето на регионалната соработка и јакнењето на административните капацитети претставуваат основа за овозможување поквалитетен живот на граѓаните, паралелно и за напредок на обете земји. Остварувањето на овие цели ќе придонесе за поефикасна и потранспарентна администрација, што меѓу другото е приоритет во процесот за пристапувањето кон Европската Унија.

Препознавајќи го значењето на Регионална школа за јавна администрација (Респа), со седиште во Даниловград, Црна Гора, беше разговарано за можни обуки, конференции и воспоставување мрежа за соработка помеѓу вработените во државната администрација и во институциите од областа на европските интеграции, кои преку разни практики и меѓусебна размена на искуства, би придонеле кон резултати во спроведувањето на реформите во јавната администрација во двете земји.