Државниот совет на Франција одобри протерување на имамот Икиусен

Државниот совет на Франција даде зелено светло за протерувањето на имамот Хасан Икиусен, за кое одлучи министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин, отфрлајќи го аргументот дека оваа одлука би претставувала „сериозен и незаконски напад“ врз неговиот приватен и семеен живот.

Во твитот објавен непосредно пред соопштението на Државниот совет, Дарманин оцени дека оваа одлука е „голема победа за Републиката“. Тој ќе биде протеран од националната територија, додаде Жералд Дарманин.

На 5 август, парискиот Управен суд го суспендираше протерувањето на имамот Икиусен во Мароко со образложение дека тоа ќе предизвика „непропорционална повреда “ врз неговиот „приватен и семеен живот“, но Министерството за внатрешни работи поднесе жалба на оваа одлука.

Привремениот судија на Државниот совет оцени дека „неговите антисемитски забелешки, изнесени неколку години на бројни конференции, како и неговиот говор за инфериорноста на жените и нивното потчинување на мажите, претставуваат акти на провокација, експлицитна и намерна дискриминација или омраза што ја оправдува одлуката за протерување. Тој, исто така, смета дека оваа одлука не предизвикува сериозен и очигледно незаконски напад врз приватниот и семејниот живот на Хасан Икиусен“, се наведува во соопштението на француски Управен суд.

Адвокатот на имамот, Луси Сајмон, реагираше на Твитер верувајќи дека оваа одлука симболизира „ослабено владеење на правото“ и изрази жалење за „алармантен контекст на притисок од извршната власт врз судството“.

Правната борба продолжува, Административниот суд во Париз ќе мора наскоро да ја разгледа основаноста на случајот, а Хасан Икиусен ја проучува можноста повторно да се обрати до Европскиот за човекови права, наведе Сајмон.

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) одби да го суспендира протерувањето на почетокот на август, објаснувајќи дека доделил само привремени мерки на суспензија „во исклучителни околности“, кога апликантот бил изложен „на реален ризик од непоправлива штета“.