Државниот завод за ревизија ќе разменува податоци со Институтот на овластени ревизори

Државниот завод за ревизија (ДЗР) претставуван од главниот државен ревизор Максим Ацевски и Институтот на овластени ревизори на Република Македонија (ИОРРМ), претставуван од претседателот на институтот Димитар Димитров потпишаа Меморандум за соработка, во кој централно место зазема блиската заемна соработка која треба да се интензивира во периодот кој следува.

Меморандумот има за цел унапредување на соработката во вршењето на законските надлежност, како и размена на податоци и искуства помеѓу двете институции. Градење на партнерски односи на Државниот завод за ревизија и институтот на начин кој ќе овозможи подобро и поквалитетно информирање на граѓаните за теми кои се од особен јавен интерес.

Со Меморандумот е изразена подготвеноста за соработка во делот на обезбедување континуирана размена на податоци и информации во рамките на своите законски надлежности, давање стручна помош од аспект на методологијата и примената на стандардите по кои работата ревизорите (ИНТОСАИ и Меѓународните стандарди за ревизија- МРС), соработка во областа на сметководството и ревизијата, како и размена на стручна литература, прирачници и друг вид на материјали потребни за процесот на вршење на ревизијата.

Соработката предвидува организирање на заеднички обуки за подобрување и усовршување на ревизорските капацитети на двете институции и активности поврзани во делот на запознавање на специфичностите на работите кои ги извршуваат државните ревизори и овластените ревизори.

На свеченото потпишување на меморандумот за соработка покрај претставниците од Државниот завод за ревизија, присуствуваше и Стојан Јорданов член на Управниот одбор на Институтот на овластени ревизори. ИОРРМ е основан во 2006 година со основна цел промовирање на високи професионални стандарди и подобрување на квалитетот на ревизорските услуги. Издава уверение за ревизор, спроведува обуки и контрола на квалитетот на сите членови на Институтот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.