Државните институции му должат на ЕВН 35 милиони евра за струја

Меѓу најголемите должници се болниците, кои должат 7,6 милиони евра, од кои 6,5 милиони од последните 12 месеци, а најголем должник е Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, на кого отпаѓаат речиси 90 отсто од неплатените сметки, пишува Сакамдакажам.мк.

Општините, јавните претпријатија и министерствата имаат неплатени сметки за струја во износ од околу 35 милиони евра кон ЕВН, потврдуваат од компанијата за Сакам да кажам.мк. Но, вкупниот долг на државните институции за неплатена струја е далеку поголем од овие 35 милиони евра, бидејќи тие се на слободниот пазар и голем дел од нив имаат договори со други добавувачи.

Од ЕВН не откриваат детални податоци околу тоа кои институции се најголеми должници, поради заштита на податоците на клиентите.

Според достапните податоци, општините должат околу 17 милиони евра, јавните претпријатија околу 8 милиони и министерствата околу 10 милиони.

Во февруари, како што тогаш кажаа од Регулаторна комисија, овој долг изнесуваше околу 23 милиони евра, а најголемо зголемување има од јули наваму, бидејќи тогаш беа зголемени и сметките. Долговите се претежно од последните 12 месеци, но некои се и од изминатите три години, а експертите велат дека сега, со зголемената цена, долговите само ќе растат во наредниот период.

Според информациите од институциите, меѓу најголемите должници се болниците, кои должат 7,6 милиони евра, од кои 6,5 милиони од последните 12 месеци, а најголем должник е Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, на кого отпаѓаат речиси 90 отсто од неплатените сметки. Македонски железници се исто така големи должници, со неплатени сметки до 5 милиони евра, од кои 3,2 милиони од последните 12 месеци. Струшкото јавно претпријатие Проаква должи 1,6 милиони евра, додека затворот Идризово има долг од 700 илјади евра.

Дел од државните институции признаваат дека не можат да ги сервисираат високите сметки за струја. Таков пример е Охридското јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое има долг од 650 илјади евра кон ЕВН, а само последната сметка на ова јавно претпријатие е 145 илјади евра. Оттаму очекуваат во зимскиот период драстично да се зголеми овој долг, но тие се една од државните институции кои законски не можат да бидат исклучени од струја.

Правилата за снабдување со електрична енергија забрануваат исклучување на струјата на болници, јавни објекти за водоснабдување, објекти и средства за јавен превоз, хидрометеоролошки и сеизмолошки станици и градинки.