Државните службеници во Црна Гора можат спогодбено да си одат од работа

Црногорското министерство за финансии одвои 2,7 милиони евра во буџетот за оваа година за да им исплати испратнина на вработените во јавната администрација што се заинтересирани за спогодбено прекинување на работниот однос. Јавниот повик од Министерството за јавна администрација за пријавување трае до 30 август. Сузана Прибиловиќ од тој ресор најави дека пријавите може да се достават до 30 декември 2020 година и дека постои голем интерес на вработените за спогодбен престанок на работниот однос.

Износот на испратнината зависи од квалификациите и работното место и се движи од околу 1.000 до 16.500 евра. Исплатата за испратнина најверојатно ќе биде во октомври.

Во моментов има голема заинтересираност од вработените, но точниот број ќе се знае откако ќе заврши јавниот повик на 30 август, велат за црногорски медиуми од Министерството за јавна администрација.

Претходната процена на Владата беше дека околу две илјади лица се заинтересирани да земат испратнина за да го напуштат државниот сектор. За стекнување испратнина може да се пријават вработените во јавниот сектор што имаат најмалку шест години работен стаж, а последната година да биле во државна институција. Највисок износ на испратнина ќе добијат вработените со 30 години работен стаж. Тие со средно образование ќе добијат најмногу 6.000 евра, а оние со факултетско образование ќе се стекнат со испратнина од 16,5 илјади евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.