Државното земјоделско земјиште над 10 хектари ќе се дава под концесија преку електронска лицитација

Државното земјоделско земјиште над 10 хектари, во иднина ќе се дава под концесија преку јавна електронска лицитација. Ова го предвидуваат најавените измени на Законот за земјоделско земјиште.

Според премиерот Никола Груевски, со тоа ќе се постигне повисока цена, а земјиштето ќе го добијат оние кои се подготвени да платат највисока концесија на државата.

– Остануваат оние што се под 10 хектари, а тоа е направено заради можноста на луѓето што живеат во селата да им се додели селскиот атар, бидејќи најчесто тие од тоа живеат, изјави Груевски.

Тој појасни дека се она што е над 10 хектари се смета за посериозен бизнис и затоа е проценето дека е потребно да има посериозна конкуренција и од тие причини се предвидува ова земјиште да биде понудено преку електронска јавна аукција.

– Со тоа ќе се постигнат вистински пазарни цени и веруваме дека ќе има и поголем приход во Буџетот, како и поголема транспарентност при распределбата на државното земјоделско земјиште, додаде премиерот Груевски.