ДС: Софија да ги почитува европските вредности, а не да уценува

Демократскиот сојуз смета дека ставот на потпретседателот на бугарската влада, Красимир Каракачанов, дека Бугарија ќе го блокира почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, што треба да се случи до крајот на оваа година, доколку комисијата за историски прашања дотогаш не изнајде решение за спорните прашања, не е во духот на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји ниту пак во духот на европските вредности и стандарди. 

Според ДС, Меѓувладината комисија треба да се остави да работи без политички притисоциа уцените за брзи резултати и попуштање од македонска страна за историјата и споредбите со нашите компромиси со Грција за знамето и за името се непримерни и неприфатливи. 

– Демократскиот сојуз верува дека изнаоѓањето заеднички јазик за она што го спори официјална Софија е можно само доколку толкувањата на историските факти се ослободат од политичките митологии и шовинизми во соседна Бугарија за непостоењето на македонскиот јазик и идентитет низ историјата и ексклузивното присвојување на личностите важни за Македонија од бугарска страна. Гоце Делчев е апостолот на македонското револуционерно движење а неговиот изворен идентитет е борбата за ослободување на Македонија од османлиското ропство. Историските околности на непостоење македонска држава се до крајот на Втората светска војна, некоректно и ненаучно е да се користат за негирање на македонскиот идентитет – велат од ДС.

Според партијата, само со меѓусебно почитување, признание и разбирање на историскиот контекст може да се надминат вештачки наметнатите спорови. Бугарија нема да добие ништо доколку Македонците и граѓаните на Македонија се чувствуваат поразени и понижени од едностраното решение за историските спорови во полза на Софија. Европската унија е заедница на рамноправни народи и граѓани и Македонците со право очекуваат таков третман од нашите бугарски соседи.