Дуња Мијатовиќ порача децата на осомничените борци на ИД да се вратат во нивните земји

Говорејќи за време на итната расправа за репатријација на децата од конфликтните зони, пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права на Советот на Европа изјави дека „враќањето на овие европски граѓани во нивните земји на потекло предизвикува страв и предизвикува легитимни безбедносни грижи, но напуштените деца во камповите во северна Сирија не се одговорни за одлуката на нивните родители да им се придружат на овие групи“, јави дописникот на МИА.

– Да се дозволи децата на осомничени борци на ИД да починат во овие логори нема да донесе поголема безбедност во Европа или на кое било друго место. Репатријацијата на овие деца е единствениот начин да се постигне напредок, додаде таа.

Мијатовиќ истакна дека многу членови на разузнавачките и безбедносните служби се исто така за поддршка на репатријација, со цел подобро да се изврши потребната контрола или да се спроведат мерки за дерадикализација или рехабилитација.

– Се повеќе се зголемуваат гласовите за да се бара репатријација на децата, од заменик генералниот секретар на Обединетите нации до високи функционери на правосудните системи и здруженија на жртви на тероризам, заклучи комесарот за човекови права на Советот на Европа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.