Дуќанџиите од ГТЦ со поддршка за комплексот „Гранд“

Здружението на сопственици на деловен простор во Градскиот трговски центар 1973 Скопје целосно ја поддржува изградбата на комплексот „Гранд“, кој е предвиден да се гради на паркингот наспроти „Холидеј Ин“, во непосредна близина на ГТЦ.

„Силно го поздравуваме почетокот на градбата и веруваме дека овој проект ќе го заживее ГТЦ, кој е едно од главните обележја на градот Скопје. Цврсто застануваме зад овој проект бидејќи сметаме дека уредувањето на овој простор ќе му даде нов лик на центарот на градот, отворајќи нова фреквенција на движење за граѓаните. Градскиот трговски центар од ден на ден сè повеќе го губи својот сјај и убедени сме дека отворањето на комплексот ‘Гранд’ во Скопје на овој со децении запуштен простор во срцето на градот, позитивно ќе влијае на работата на сите дуќани кои се дел од овој трговски центар, заради што бараме поддршка и соработка од сите граѓани“, се наведува во нивното соопштение.

Било какви опструкции од групи граѓани, организации или институции, додаваат тие, ќе бидат на штета не само на дуќанџиите од најстариот трговски центар, туку и на граѓаните на Скопје кои заслужуваат модернизирање на центарот на градот.

Дуќанџиите од ГТЦ ја поздравуваат најавената соработка на инвеститорот со Град Скопје, Шумарскиот факултет и зелените организации во земјава за изготвување решение и директна инвестиција за обновување на дел од Кеј 13 Ноември, како и градење на предвидениот пешачки мост кој ќе го поврзе јавниот простор кај „Дрводекор“ со ГТЦ и сметаат дека ваков потег дополнително ќе го заживее и осовремени просторот во близина на трговскиот центар, правејќи го модерно, атрактивно и урбано место за сите посетители.