Дуќанџиите од ГТЦ утре на протест пред Влада

Утре на пладне дуќанџиите од Градскиот Трговски Центар во Скопје пред Влада ќе ги бараат своите права на мирен протест, јавува Телма. Тие се жалат на бројни проблеми со, како што велат, „недомаќинското управување на АД ГТЦ“, акционерско друштво кое управува со 600 различни сопственици на деловни простории.

Здружението на сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973 бараат директни договори за снабдување со лиценциран снабдувач на електрична енергија, заедничко управување од сите сопственици на деловен простор во ГТЦ, договори за парно греење со лиценциран снабдувач, климатизација и греење контролирано од органот за заедничко управување во ГТЦ, договори за водоснабдување со питка вода со лиценциран снабдувач, времено затворените дуќани да плаќаат елементарна такса за одржување и да се исклучат од системот за греење/ладење и климатизација, АД ГТЦ за деловниот простор што го има во сопственост да плаќа исти давачки како што плаќаат сите други сопственици (грееење, ладење, климатизација, електрична енергија, вода,комунален отпад, одржување).

Според здружението, сите овие барања се во согласност со постојниот Закон за енергетика и  заклучоците на Регулаторната комисија за енергетика, Регулаторната комисија за домување и на Министерството за транспорт и врски.