Дуќанџиите во ГТЦ напладне на протест пред Владата

Сопствениците на деловен простор во ГТЦ денеска напладне ќе одржат протест пред Владата, на кој ќе побараат итно решавање на бројните проблеми во Градскиот трговски центар и примена на законската регулатива.

Веќе подолго време алармираат на недомаќинското управување на АД ГТЦ, како што велат, на штета на нивниот имот и на имотот во сопственост на државата.

Здружението бара директни договори за снабдување со лиценциран снабдувач на електрична енергија, заедничко управување од сите сопственици на деловен простор во ГТЦ, договори за парно греење со лиценциран снабдувач, климатизација и греење контролирано од органот за заедничко управување во ГТЦ.

Исто така, дуќанџиите бараат и договори за водоснабдување со пивка вода со лиценциран снабдувач, времено затворените дуќани да плаќаат елементарна такса за одржување и да се исклучат од системот за греење/ладење и климатизација, АД ГТЦ за деловниот простор што го има во сопственост да плаќа исти давачки како што плаќаат сите други сопственици (грееење, ладење, климатизација, електрична енергија, вода,комунален отпад, одржување).