Дуалното образование ќе стане системски концепт

Дуалното образование треба да ја усогласи големата разлика што постои меѓу кадарот на располагање и реалната потреба на економијата. Во соработка со компании тоа веќе постои како експериментален проект во средни училишта во пет општини (Скопје, Кавадарци, Прилеп, Велес и Охрид) и опфаќа околу 200 ученици, но идејата на Владата е да стане системски и составен дел од средното стручно образование.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на трибина за предизвиците и идните чекори во дуалното образование, што денеска ја организираа Стопанската комора на Македонија и Европска бизнис-асоцијација, истакна дека искуствата се земаат од развиените земји, како Австрија, Германија, Швајцарија, но тие ќе се приспособат во модел соодветен на нашите услови и потреби.
„Учениците ќе бидат вработени во компании додека се школуваат. Ќе имаат одредени денови да следат теоретска настава, а во другите практично ќе се едуцираат во компаниите. За разлика од развиените земји каде што во дуалното образование се вклучени цели паралелки, во нашиот, приспособен модел, паралелките ќе бидат мешани. Во секој град точно ќе се детектира какви се потребите на секоја компанија. Ученикот ќе учи и ќе работи во исто време, и во периодот на учењето ќе добива плата што законски ќе биде регулирана, и ќе биде здравствено и пензиско осигурен“, рече Анѓушев.

Тој додаде дека од следната учебна година моделот ќе почне да функционира, дотогаш ќе се направат сите потребни измени. Концептот дуално образование кај нас се применува од 2017 година кога во соработка со „ЕВН Македонија“ во средното скопско училиште „Михајло Пупин“ е отворена паралелка, а наредната 2018. се прошири во други општини со други компании-партнери.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми соопшти дека следната учебна година ќе бидат опфатени околу 300 ученици во училишта во кои ќе се промовира дуалното образование.
„Спроведуваме кампања за да се отстрани митот дека нема работа со средно стручно. Според податоците од Агенцијата за вработување, 58 отсто од новите планирани работни места се наменети токму за лица со средно образование“, рече Адеми. Според него се очекува дека средните стручни училишта ќе бидат привлечни за полуматурантите, а 18.000 места се слободни за стручните училишта.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека Владата сериозно се занимава со усогласеноста меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд.

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија која ја организираше трибината, посочи дека оваа реформа бара измена на многу закони, а темел на реформата е да се намали бројот на факултетите и да се зголеми бројот на средните стручни училишта.
„Во моментов имаме 190 факултети, а 135 средни училишта. Странските инвеститори ќе имаат потреба од кадар и тој ќе мора да се создаде. Политиката на високо образование што се форсираше во изминатите години треба да остане зад нас и да ги отвори портите за ова“, додаде Азески.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.