Дуда и Тшасковски во вториот круг од претседателските избори во Полска

Полските избирачи ќе мора на 12-ти јули повторно да излезат на избирачките места за да го изберат новиот претседател на земјата, откако во неделата ниеден од 11-те кандидати не успеаја да освојата 50 отсто од гласовите за да изборат победа уште во првиот изборен круг, покажуваат излезните анкети кои ги објави полската државма телевизија

Според податоците од излезната анкета што ја спровел социолошкит инситут Ipsos, во водство со освоени 41,8 отсто од гласовите е актуелниот претседател Анджеј Дуда, поддржан од владејачката конзервативна партија Право и справедливост (PiS). Во вториот круг ќе се соочи со Рафал Тшасковски, актуелниот градоначланик на главниот град Варшава кого го кандидираше најголемата опозициска партија Граѓанска платформа, со освоени 30,4 отсто.

На третото место е независниот кандидат, новинарот Шимон Холовна, кој освоил 13,3, четврт е Кшиштов Боска од коалицијата на националистите и европскептиците „Конфедерација“ со 7,4 отсто, па следува кандидатот на коалицијата на левите сили Роберт Бедрон со 2,9 отсто, челникот на Полската селанска партија Владислав Косинјак-Камип со 2,6 отсто. Останатите пет кандидати не успеале да освојат повеќе од еден отсто од гласовите.

Државната изборна комисија претходно објави дека официјалните резултати од првиот круг ќе ги објави на 1-ви јули. Како што беше појаснето, тоа ќе зависи од бризината на приемот на извештаите од регионалните изборни комисии, вклучително и од оние во дипломатските претставништва во странство.

Одѕивот на гласачите, и покрај епидемијата од короанвирусот и строгите здравствено-санитарни услови во кои се одвиваше гласањето кое заврши во 21 часот, изнесува солидни 62,9 отсто, според извештајот на полската јавна телевизија. За споредба, излезноста на избирачите на претседателските избори во 2010 година во Полска изнесуваше 54,94 отсто, а на минатите во 2015-та само 48,96 отсто.

Претседателските избори во Полска првично требаше да се одржат на 10-ти мај, но поради епидемијата на коронавирус, притисокот од опозицијата и меѓународната заедница, владата и опозицијата се договорија тие да бидат одложени.