Дуелот – професорот против простиот селски итрец

Зоран Заев е завршено политичко минато на македонската сцена. Телевизискиот дуел со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го потврди и докажа тоа. Интелектуалната разлика меѓу двајцата е повеќе од очигледна. Факултетски професор против прост селски итрец. Однесувањето, одмереноста, вордингот, гестикулациите, домашното воспитание… го покажаа тоа.

Впечатлива беше и (на моменти болната) опседнатост на Заев со Никола Груевски. Една работа многу ме чуди. Како досега Заев ниту еднаш не и’ го објасни на македонската јавност фактот дека Никола Груевски доби политички азил во Унгарија на основ на документ издаден од државната Комисија за заштита од дискриминација. Државен документ дека Никола Груевски е жртва на политички монтиран судски процес. Државен документ издаден додека Заев беше премиер. Не го кажува тоа, оти не му одговара да го каже. Исто како што не му одговара да објасни како доби ослободителна пресуда за случајот „Поткуп“, и да мисли дека не’ прави будали сите кои видовме видео снимка на која селскиот итрец бара мито, бара поткуп, и тоа го прави со неподнослива леснотија.

Одвратно.

Исто како што е одвратен и моментот дека мисли дека некој му верува оти навистина тој е човекот што го пријавил случајот „Рекет“ кај обвинителката Вилма Русковска. Усно го пријавил. Види мајката. Но, нема што да се чудиме, човекот не почитува ниту закон, ниту институција во државава, а камо ли процедура. Мицкоски убаво му објасни. Со факти. Му направи паралела со моментот како Антонио Милошоски пријавил во обвинителството за аудио снимката што ја добил од „шепкачи“, и како при пријавувањето била испочитувана законската процедура. Со документ, со потпис и печат. А, друже Заев, кај тебе „где је печат?“. Па, уште згора на се’ ја натера и Русковска да прави будала од себе и да ги потврдува неговите лаги. Но, не е Заев виновен, Русковска е, што прифатила да изиграва шут. А, голем е сомнежот дека за да ја прифати таа улога, сигурно нешто добива(ла) за возврат. Интересот е главна водилка на овие луѓе. Ништо друго. Ништо повеќе. Ништо помалку.

А, главниот интерес на Заев е по секоја цена да остане на власт. Очајно се бори за тоа, а кристално јасно е дека нема да успее. Ги прекрои и Изборните единици за таа цел. Името на својата татковина го смени за таа пуста власт и не се срами од лузните што и’ ги направи на Македонија. Уште глуми и горд. Еве би сакал да го прашам следново:

Дали тој, Зоран Заев, јавно ќе се откаже од Бранко Црвенковски затоа што Бранко Црвенковски додека беше претседател на Македонија во Обединетите нации од говорницата рече – Името на мојата земја е Република Македонија и ќе биде Република Македонија!

Искрено, не верувам дека ќе се откаже. Па, кај смее бре. Бранко Црвенковски го аболицираше. Го спаси од кривичен прогон за сомнение за криминал тежок речиси 10 милиони евра. Но, еве сепак оставам да видиме. Може ќе собере храброст.

Инаку се’ кај Заев е мегаломански. И финансиските скандали – Фонд за иновации, ТЕ-ТО, „Рекет“, набавки во Фондот за здравство… и дузина други. Сите се тешки по неколку милиони евра.

Мегаломански е и филмот што ни го продава дека направил над 700 киломатри патишта во Македонија. А, државата ни е 150 километри уздуж и попреку, плус и главните автопатски градби ги направи Никола Груевски. И Демир Капија-Смоквица, кај што неговите партиски потрчковци играа оро во тунелот, и Миладиновци-Штип, чие пуштање во употреба неговите од СДСМ намерно го одолговлекуваа, и автопатот кон Охрид, за кој лажеа дека е со утната траса, за потоа во лагата да ги издаде нивниот сопартиец, градоначалникот на Штип.

А, како СДСМ гради патишта?

Па, ене доказ е патот од Скопје до Блаце. Не треба повеќе муабет. Доволно е да се види, колку е предвидената должина, колку време рекоа ќе го прават и колку пари ќе чини.

И сега, што да се каже повеќе за ТВ дуелот меѓу професорот и простиот селски итрец?

Да друже Заев, супер си, верувај им на пијавиците залепени околу тебе, што те манипулираат дека си бил маестрален и надмоќен. Оние пијавици што ден потоа те дообјаснуваат по социјалните мрежи што всушност си сакал да кажеш. Тоа доволно говори каков е исходот од дуелот и каков е твојот капацитет. Но, терајте, живејте си во својот свет. Не е проблем. Вистинската слика ќе ви се појави пред очи вечерта на 12 април.

Автор: Дејан Николовски