Духот и емоциите на поетот Сретен Вујовиќ ја распеа публиката во Кочани

Емоциите произлезени од самиот настан на одбележување на 40-годишнината од творењето, токму во Кочани и Македонија, како и борбата со сопсвената состојба на искушение од сејмениот живот, беа мотив за црногорскиот поет, есеист, книжевник, преведувач, Сретен Вујовиќ да приреди незаборавна поетска вечер и претставување на неговото творештво. Емотивниот и наративен Вујовиќ ја распеа публиката во библиотеката „Искра“ во Кочани, а го понесе звукот на тамбурата и гајдата кои како музичка подлога на интерпретацијата на песните, интонацијата на „Сокол пие вода на Вардаро“ го подигна славеникот и ја запеја оваа наша класика, публиката го прифати ова и заедно ја завршија.

Вујовиќ рече дека е голем љубител на македонската народна музика и во секоја прилика кога има можност ги пее нашите песни. Тој нагласи и дека не е случајно што неговиот јубилеј почнува да се одбележува од Македонија. Така и за прв пат ја промовираше неговата песна инспирирана од кочанскиот крај и оризовите полиња.

Во 2006 година учествува на Струшките вечери на поезијата, сепак неговите врски со Македонија датираат од поодамна, односно од моментот кога за брачно патување го избрал Охрид, но и неговата година на раѓање 1957. Вујовиќ истакнува дека тогаш се возобновува Охридската архиепископија преку Македонската православна црква за која вели дека е мајка црква на Црногорската православна црква. Како и Самоиловото царство, односно врската со Косара.

„Македонија беше во тешка ситуација и кој успеа да си ги сочува јазикот и традициите. Затоа што имаме слични судбини, го почитувам макеоднскиот народ и Македонија. Сепак, иако не сте виновни ви нанесуваат голема неправда“, истакнува Сретен.

„Не би советувала никого кој порано не се занимавал со пишување поезија или нема навлегувано во нејзината подлабока суштина, да навлегува одеднаш низ поезијата на Вујовиќ. Таа сепак е една врвна литература, која внимателниот читател може да го воведе во длабочина, за која можеби и не знаел дека ја има. Затоа со внимателно читање на секој ред, далеку над очекуваниот и длабоко продуховен поглед,  вие имате чувство, како одеднаш пред вас, соголено, без заобиколување и симболи се открива вистината“, истакна промоторот Ивана Ѓукиќ.

Таа ќе рече „не давајте да ве залаже бројот на годините на Сретен, нити неговиот јубилеј кој е насловен како „четириесетгодишнина на постоење во професионална смисла“, бидејќи тоа што ние го одбележуваме овде и денес е всушност илјадогодишна слика на оние поединци кои во гобленот на вечното постоење создавале важни јазли.

Извадоци/песни од неговото творештво читаше Љупка Стојменова, дипломиран професор по македонски јазик, а оркестарот за народни иснтрументи при Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани даде музичка поддршка на овој несекојдневен и убав настан.

Сретен Вујовиќ (1957) е роден во Цетиње, Република Црна Гора. Работи како просветен работник. Беше дописник и соработник по мајчин јазик и литература при United World College of the Atlantic од Велс. Се занимава со скулптура во дрво (три самостојни и три групни изложби на скулптура), преведување (од италијански и германски), книжевна критика и есеистика. Поезијата и прозните трудови му се преведувани на англиски, италијански, германски, полски, француски, гаљего, албански, словенечки, белоруски и македонски јазик. Застапен е во неколку антологии, на црногорски и на други јазици. Ги негува главно поетско-тематските целини: проблематика на населбите, поетска психијатрија, (архи)памтење во потсвесната слоевитост… Објавил десетина стихозбирки. Книгите поезија „Безглаво оро“, „Поема за љубовта“ и книгата со поетско-прозни записи „Како човек да се врати“, како и трилогијата „Ѓаволски голем водач“ се преведени на македонски јазик.

Член е и еден од основачите на Независното друштво на црногорски писатели и на Црногорскиот ПЕН-центар, во кој е прв генерален секретар и актуелен потпретседател. Член е на хрватскиот ПЕН-центар, на Матица муслиманска и еден од иницијаторите за основање на Матица црногорска. Како претседател на Црногорскиот ПЕН-центар потписник е на одлуката за основање на Дукљанската академија на науки и уметности, а од неодамна и избран и за нејзин член. Добитник е на најголемото признание на својот роден град Цетиње за 2001 година, наградата 13 Ноември.

Денес живее во Цетиње, а работи во ОУ „Саво Кажиќ“ село Барутана, Подгорица.

Ова е само една песна од богатиот опус на Сретен Вујовиќ.

***
И утрово мојата глава
осамна на твоите
трепетно топли гради
Не знаев
дали од сон
влегов во уште поубав
каде твоите раце
ги прегрнуваат зовриените желби.

Утрово и времето
остана збунето
пред раскошното
руменило на утрото
На твоите усни
замолчело
во топлината
на сонливиот бакнеж

Утрово
трепериш нежна
во мојата утроба
Не сакам да те пробудам
Овој сон е моќ
во мојата немоќ

Затоа
го чувам љубоморно
затоа сум вака
побожно смирен

Во тебе