ДУИ бара од медиумите да обезбедат фер пристап на тројцата кандидати за премиер

Демократската унија за интеграција го поздравува апелот на Агенцијата за медиуми за обезбедување баланс во посебните информативни емисии.

Агенцијата во своето соопштение ги потсетуваат радиодифузерите дека: во рамките на посебните информативни емисии – дебати, соочувања, интервјуа итн., треба да обезбедат поеднаков пристап и правичност, избалансираност и непристрасност; и воедно Агенцијата потсетува на обврската на медиумите да ги канат сите учесници на изборите, додавајќи дека е неважно на кој јазик ја емитуваат програмата.

„Ова соопштение претставува одговор на писмото кое ДУИ како заинтересирана страна го испрати до Агенцијата за медиуми, соочувајќи се со бојкот на медиумите при организирање на дебатите и јавните соочувања, каде медиумите ги канат кандидатите за премиер на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, при што се игнорира првиот кандидат за премиер Албанец, г-нот Насер Зибери“, се вели во соопштението до медиумите испратено од ДУИ.

Од ДУИ повторно ги повикаа медиумите, почитувајќи ја во целост нивната демократска одговорност, на претстојните посебни информативни емисии, дебати или соочувања, да ѝ понудат на својата публика фер соочување меѓу тројцата кандидати за премиер, со што ќе го збогатат демократскиот амбиент и информираноста на јавноста, но и ќе ја збогатат програмата на своите гледачи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.