ДУИ: Филипче да не го негира правото на политичко изразување заради партиски калкулации

ДУИ реагира на најавата на министерот за здравство Венко Филипче за разрешување на директорот на Центарот за јавно здравје Арбен Зибери, откако тој се пофали дека издејствувал Комисијата за заразни болести да предложи отворање на границите со цел да се вратат иселениците и да гласаат на избори за премиер Албанец.

„Д-р  Арбен Зибери е кандидат за пратеник во Првата изборна единица и како и секој друг има право да изразува политички ставови во предизборни кампањи заштитувајќи ја институцијата што ја води од какво било политичко инволвирање. Тој беше столб на Владата и Министерството за здравство во борбата против пандемијата и сите сме горди на неговата работа“, се вели во реакцијата на ДУИ.

Од партијата му порачаа на Филипче „да не се обидува да го негира правото на политичко изразување во предизборната кампања заради неговите партиски калкулаци“.

Министерот Филипче пак, на својот Фејсбук профил попладнево му порача на Зибер дека нема да дозволи политичко поентирање на сметка на епидемијата и дека неговите изјави се неточни и штетни за угледот на Комисијата.

Коментирајќи го ставот на Зибери дека тој е кандидат за пратеник и има право на социјалните мрежи да објавува политички ставови, министерот вели дека тоа не му дава право „да изнесува невистини и да ја поткопува работата на Комисијата“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.