ДУИ негира дека барала поддршка од Груевски за уставните измени

Демократската унија за интеграција категорично ги демантира лажните и шпекулативни вести објавени на неколку медиуми и телевизии за наводни преговори на ДУИ со поранешниот премиер Никола Груевски за обезбедување пратенички гласови за уставните измени.

„Ниту еден функционер на ДУИ немал никаков контакт, ниту сега, ниту во минатото, од неговото бегство, за ниту едно прашање, со поранешниот премиер Груевски, па затоа длабоко жалиме за ваквите тенденциозни шпекулации и неточни информации објавени во јавноста.

Цениме дека уставните измени се од особено значење за државата и граѓаните затоа ги повикуваме медиумите, граѓанскиот сектор, академската заедница, придонесувачите во јавното мислење да ја третираат оваа тема со најголема сериозност бидејќи таа ја дефинира нашата заедничка иднина.

Опозицијата експлицитно ја поддржува европската интеграција на Северна Македонија и ја повикуваме оваа програмска определба заедно да ја реализираме без партиски изборни калкулации. ДУИ ги поддржува уставните измени и цени дека овој процес ја зајакнува државата и го обезбедува нашиот интегративен процес, но во исто време ги затвора и вековните неправди овозможувајќи нула отворени прашања со соседите“ – се вели во соопштението на ДУИ.

Претходно неколку медиуми објавија дека ДУИ тајно води преговори со Груевски за обезбедување пратеничка поддршка за уставните измени. Од ВМРО ДПМНЕ, пак, ја отфрлија таквата можност, наведувајќи дека никој не може да влијае врз пратениците да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот. Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Тимчо Муцунски изјави дека нема информации дали Груевски има контакт со некој од пратениците на пратеничката група.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.