ДУИ попушта за предвремени парламентарни избори

Али Ахмети се премислува и нема да биде изненадување ако се согласи со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори, брифира за „Дневник” висок партиски функционер.

Од децидниот став дека нема потреба од двојни избори, интегративците сега сериозно калкулираат со опцијата за предвремени парламентарни избори, односно премеруваат што би добиле и што би изгубиле ако играат на таа карта. Но, сигурно е, велат од партијата на Али Ахмети, дека ако со ВМРО-ДПМНЕ се договорат за парламентарни избори, мнозинството ќе биде тоа што ќе го распушти Собранието, пишува весникот.

Освен ставот за двојни избори, интегративците ги омекнуваат критериумите што ги испорача за консензуален кандидат за шеф на државата за таа идеја првенствено да се најдат со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ.

„Анализираме кои би биле придобивките ако се согласиме на предвремени парламентарни избори. Аргументите за избори се дека и така половина година ќе биде изгубена кога станува збор за прашањето за името и тоа поради грчкото претседателство со ЕУ, како и локалните избори во Грција и изборите за Европарламентот. Аргумент што натежнува во прилог на предвремени избори е и тоа што ако парламентарните одат во пакет со претседателските напролет, се отвора простор идните три години да нема избори“, вели функционерот на ДУИ за „Дневник“.

Тоа што ги премислува интегративците е дека граѓаните се заморени од зачестените избори, оти се остава впечаток дека владината коалиција не може да истера ниеден мандат до крај, што ги прави неодговорни, како и дека им треба нова „приказна” за гласачите.

Од ДУИ велат дека на крајот од јануари или првата недела во февруари ќе биде појасно дали на 13 април, за кога откриваат дека ќе се одржи првиот круг од претседателските избори, граѓаните ќе гласаат и за нов состав на парламентот. Оттука изборите за шеф на државата ќе бидат распишани до 10 февруари, а вториот круг од гласањето за претседател ќе биде на 30 април.

Неизводлив договор за претседател со СДСМ

Kога станува збор за предлогот за консензуален претседателски кандидат, од ДУИ брифираат дека ВМРО-ДПМНЕ била запознаена со идејата пред Ахмети јавно да ја соопшти. Интегративците велат дека не условуваат и оти приоритет им е со ВМРО-ДПМНЕ да го договорат кандидатот.

„Kој било кандидат на ВМРО-ДПМНЕ што ќе биде прифатлив и за нас ќе биде идниот претседател на државата. Секако е важно кандидатот да не биде контроверзна личност и националист за да ги убедиме нашите гласачи да го поддржат. Со СДСМ е речиси неизводливо да договориме кандидат, зашто политички гледано мозаикот е многу поголем. Претседателот е само дел од тој мозаик, а ние сме во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ“, вели функционерот за „Дневник“.

Тој потенцира дека се партнери со Груевски и оти не сакаат претседателскиот кандидат по која било основа да биде причина за политичка криза. Оттука, според функционерот, ако не се најдат на иста линија со ВМРО-ДПМНЕ, за претседателскиот кандидат, ДУИ нема да се откаже од промовираниот концепт, туку сама ќе предложи консензуален кандидат за шеф на државата, кој, како што вели, може да биде и Македонец. Важно им е, вели тој, да промовираат нов стандард за избор на претседател на државата.