ДУИ се надева на изгласување на законот за јазиците до крајот на годинава

Го поздравувам гласањето на СДСМ и коалицијата за потреба од законот за јазици и се надевам дека комисиската расправа ќе помине во најдобар ред и законот ќе биде донесен оваа година, рече во средата пратеникот на ДУИ, Артан Груби по изгласувањето од потреба на законот за јазиците.

Рече дека тој и неговата партија се разочарани од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа против, но оти се надева дека „ќе ја променат оваа одлука и ќе гласаат позитивно кога ќе дојде време за изгласување на законот“.

Груби истакна дека законот за јазиците е „производ од политички договор“ меѓу СДСМ и ДУИ и смета дека ќе биде изгласан бидејќи не е во спротивност со Уставот.

„Не гледам потреба од голема амандманска расправа бидејќи законот е во рамките на Уставот. Седница на Комисијата за европски прашања ќе биде закажана на Денот на албанската азбука“, рече Груби според кого со овој закон се заокружувал „нормативниот дел“ од Рамковниот договор.