ДУИ – симбол за крвави улични пресметки

Пукањето во Чаир, при што беше застрелан економскиот директор на Клиниката за гинекологија, Ваљон Беља, е последно од низата инциденти, во кои функционери на ДУИ ги решаваат меѓусебните конфликти со пролевање крв.

Настанот се случил на улицата „Лазо Трповски“ во 17.45 часот, кога кон Беља биле испукани два куршума, по што му била извршена интервенција на ногата и е хоспитализиран во Градската болница. Сторителот, чиј идентитет се уште не е познат, бил во придружба на три лица, а неофицијално причина за инцидентот е расправија со актуелниот градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ, Висар Ганиу.

Ваљон Беља

Самиот Беља е исто така функционер на ДУИ, иако во неговата политичка кариера бил и претседател на партијата „Албански сојуз“, која пак потоа се припои на ДПА, предводена од Мендух Тачи. Наводно, Беља бил незадоволен што платата која ја примал од општина Чаир му била стопирана, па решил да се сретне со Ганиу, а градоначалникот на средбата не дошол сам, по што вербалната расправија преминала во тепачка. Според неофицијалните информации, едно од лицата инволвирани во тепачката решило правдата да ја дели со пиштол в рака.

Од МВР единствено соопштија дека се работи на расветлување на настанот, но останува да се види дали вистината ќе излезе на површина, бидејќи во јавноста остануваат запаметени голем број крвави инциденти поврзани со функционери и партиски членови на ДУИ, кои не добиле докрај јасен епилог.

На 30 ноември годинава, во центарот на Тетово, кај ресторанот „Делфин“, одново во пукотница учествуваше локален функционер на ДУИ, поранешен вработен на висока позиција во Управата за јавни приходи. Истрелите од огнено оружје се слушале во строгиот центар, а лица од автомобили во движење пукале едни кон други. Дел од куршумите завршиле во угостителскиот објект. Причините останаа непознати. Полицијата извести дека привела 3 лица, а по 10 се трага.

На 4 април, во близина на партиското седиште на ДУИ во Мала Речица, во престрелка меѓу две ривалски групи од огранокот од Куманово, животот го загуби Наип Реџепи, познат член на локалната група Беланока. Иако ниту партијата ниту полицијата не ја потврди информацијата, причини за настанот биле поделба на ресори и превласт во огранокот. Тетовското обвинителство поднесе пријави за „убиство“, „убиство во обид“ и „соизвршителство“ за вкупно 13 лица, но потоа за дел од нив следуваше преквалификација на делото во „учество во тепачка“. 4 лица ја признаа вината за учество во настанот и добија по 4 месеци затворска казна, а за останатите процесот се уште трае.

Наим Реџепи – Беланока

Од ДУИ за овој настан единствено соопштија дека не треба да се поврзува со партиските активности и дека политичкиот субјект нема одговорност за инцидент, кој како што велат од Мала Речица, нема врска со партијата.

Но, Реџепи-Беланока не е единствената жртва на партиските превирања во ДУИ, од кои централата се оградува.

Агретим Асани

Агретим Асани, кој беше заменик-директор на УЈП, загина откако во Струга кон него беше пукано од возило во движење. Од партијата соопштија дека Асани не фигурира како партиски член. Токму Асани беше еден од учесниците и во инцидентот меѓу Арбен Лабеништа и Рамиз Мерко, чиј повод била партиската фотелја во Струга, а и од овој жесток конфликт ДУИ се огради.

Смртно беше застрелан и Џемаил Реџепи – командант Шќипоња во 2015-тата година. На убиството му претходела расправија за кандидатите за претседател на кумановскиот огранок.

Џемаил Реџепи – командант Шќипоња

Во скопски Сарај останува запаметен случајот од пред 4 години од локалната кафеана, кога во престрелка беа повредени 4 лица – членови на партијата на Али Ахмети, која се дистанцираше и од овој крвав инцидент.

Сепак, на членовите на ДУИ очигледно оружјето им е при рака и за време на веселби. Трагикомичен настан ја одбележа прославата на победата на Висар Ганиу за градоначалник на Чаир во 2017-тата година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.