ДУИ: Земјата има историскa можност за европска иднина и за затворање на сите прашања со соседите

ДУИ ја поздравува конструктивната улога на француското претседателство за изнаоѓање прифатливо решение за спорот на нашата земја со соседна Бугарија и цени дека предлогот даден во форма на идеи за решение е добра основа за завршување на спорот и за одблокирање на нашиот европски пат.

„Нашата земја е пред историска одлука, онаа на отворање на преговорите со Европската унија и затворање на сите спорни прашања со соседите, затоа цениме дека ваквите шанси за компромис кои не го загрозуваат идентитетот, јазикот и националното достоинство на нашите македонски сограѓани не треба да се пропуштаат, заради сигурната и прогресивната иднина на државата и регионот“, се вели во партиското соопштение.

Од ДУИ апелираат до сите страни вклучени во овој „историски процес“ рационално да „пристапат кон содржината на предлогот“ и заедно да ја донесат долгоочекуваната одлука за одблокирање на интегративниот пат на Македонија.

„Заедно со партнерите од владината коалиција, опозицијата, Собранието, Претседателството, државните институции, како и медиумите, граѓанското општество, академскиот свет, врз принципите на транспарентност го започнуваме процесот на консултации во кои како никогаш досега се бара зрелост и рационалност, а не субјективен протагонизам за тесни интереси“, се додава во објавата на ДУИ.

Партијата на Али Ахмети уверува дека останува доследна на своите позиции за решавање на спорот со Бугарија и поради тоа ценат дека францускиот предлог е во дозволените рамки на рационален компромис.

„Овој предлог, овојпат, оваа европска иднина ја има поддршката од Вашингтон, Брисел, Париз, Лондон, Рим, другите западни престолнини, а сите достигнувања ги имаме постигнато заедно со евро-американската заедница“, исакнуваат од ДУИ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.