Дуковски: Ни даваат известување за завршена истрага без да ги видиме доказите

Во историјата на македонското правосудство не се случило во ист ден да се донесе решение за завршена истрага и да се бара изјава од осомничен кој претходно ниту еднаш не бил известен за доказите против него. Со ова денеска се воспостави негативен преседан, обвини Сашо Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски во случајот „Рекет“.

– Не е во ред кога во истиот момент кога не знаете кои се доказите против вас да ви се дава известие за завршена истрага. Ова известие носи датум од 23.09.2019 година, ова досега не се случило во историјата на македонското правосудство. Во истиот ден да се донесе известие за завршена истрага и да се бара да се даде изјава од осомничен кој што претходно ниту еднаш не бил известен за основите на сомневања и за доказите кои што стојат против него. Ние не се браневме со молчење, ниту некогаш ќе се браниме со молчење во оваа постапка. Ќе дадеме исказ, но видете ја сега нашата позиција и повредата на правото на одбрана, рече Дуковски.

Тој потврди дека денеска не дале изјава во обвинителството бидејќи немале увид во доказите и најави дека во наредните 15 дена ќе ги разгледуваат доказите па потоа Јовановски ќе даде исказ.

„Не гледаме на кристална топка кои се доказите“, изјави Дуковски.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.