ДУП-от со бензинската на Пуцко петрол на мета на Уставниот суд, но и можност за милионска отштета

Деталниот урбанистички план со бензинската пумпа на Пуцко-петрол на мета на Уставниот суд поради неусогласеност со Генералниот план, отворена е постапка за да се утврди дали ДУП-от до базенот Младост и салата Борис Трајковски е уставен или не. Ова отвора нова врата за можноста да се наплати милионска отштета од џебот на Карпошани и да се измолзе општинскиот буџет.

Плацот со години стои негибнат, општината Карпош во два наврати донесе Детален урбанистички план со кој предвидува бензинска пумпа, а инвеститорот Пуцко Петрол го купи државното земјиште и со години не гради и се обидува преку судски пат да извлече милиони евра од општинскиот буџет.

Во целата правно-урбанистичка драма со скапа цена повторно се вклучи Уставниот суд. Едногласно одлучија да ја прифатат иницијатива за разгледување дали ДУП-от е уставен или не.

-Уставниот суд досега разгледуваше само формални аспекти на иницијативите за уставност на ДУП-ови. Од приложеното се гледа дека е во ред. Но, во ДУП-от е ставена бензинска пумпа иако Генералниот урбанистички план, којшто е хиерархиски повисок, не предвидува тој тип на објект, беше став на уставен судија Осман Кадриу, известител за предметот со ДУП во Карпош.

-Нема дилема дека треба да се отвори постапка. Општина Карпош на најдрзок начин со план предвидува да се гради нешто што не е планирано, водејќи се од нечиј интерес, претседател на Уставен суд.

Уставниот суд донесе и времена мерка до одлучувањето со што се забранува издавање на било какви дозволи и одобренија за градба во конкретниот Урбанистички план.

Во дискусијата на уставните судии се слушна дека мора да се гледа и јавниот интерес за хуманизација на просторот што е содржано и во Уставот, а не како досега ДУП-овите да се гледаат само преку форма и покрај грешки како што е оваа.

Но, одлуката отвора и можност инвеститорот Пуцко Петрол да поведе нова постапка доколку планот биде поништен и како и пред неколку години да бара отштета од десетици милиони евра за изгубена добивка од бенизнска пумпа која не ја ни почнал.

Еднаш веќе доби отштета од над 15 милиони евра иако за плацот платил 2,3 милиони евра. Пресудата ја доби затоа што Уставниот суд го поништи конкретниот ДУП поради технички причини од постапката.

Но општината предводена од Стевче Јакимовски преку советот повторно го изгласа истиот ДУП (со исправена техничка греѓка и објавување на документ на веб страната), а Пуцко петрол со нова тужба бараше 15-тина милиони евра отштета.

Но на крај (преку Граѓански суд и Апелационен суд Скопје) и доби само 2,5 милиони евра колку што платил за плацот планиран за бензинска пумпа.

Инвеститорот не ни бара дозволи тврдејќи дека институциите му тврдат дека местото што го купил не е безбедно за пумпа и си бара милионска отштета. Еднаш веќе успеа, но во сегашната состојба и по конечната одлука на Уставниот суд, доколку го поништи ДУП-от ќе има нова шанса за молзење на буџетот на Карпош.

Доколку пак уставните судии го укинат ДУП-от тогаш ќе нема таква можност. А слични случаи кога поради институционални грешки, инвеститорите добиваат огромна отштета полека стануваат пракса во граѓанските постапки во суд.