Дури 73 отсто од новите коронаинфекции и 75 отсто од хоспитализациите се од невакцинираните

Министерството за здравство ја објавува анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Covid-19, во период од 6-ти август заклучно со 28-ми октомври.

За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Во период од 06.08 до 28.10.2021 на територија на државата 45.621 граѓанин, се позитивни од тестирани на Ковид 19, од нив 27 отсто биле целосно вакцинирани, односно 12.375 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Covid-19. Според статистика за изминативе два месеци, 33.246, граѓани, односно 73 отсто од позитивните на Covid-19 не биле вакцинирани.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 75 отсто, додека само 25 проценти од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.

Во период од 6.08 до 28.10.2021 на територија на државата починале 1.592 пациенти со Covid-19, 1310 пациенти од починатите, односно 82 отсто не биле вакцинирани, а само 18 проценти, односно 282 примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање во земјата.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна и апелира граѓаните да се вакцинираат, зашто само така ќе се дојде до колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на SARS-CoV-2.