Дури 92,5 отсто помалку заболени од сезонски грип во однос на претходната година

Во сезоната 2020/2021 година вкупниот број на заболени од сезонски грип изнесува 539. Ова претставува 92,5  отсто помалку во споредба со истиот период лани и 94,5 проценти помалку во однос на типичната сезонска крива, информираше во вторникот Министерството за здравство.

Најголемиот број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението од 15 до 64 години (228 случаи), а највисоката инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0 до 4 години.

Во петтата седмица од 2021 година, пријавени се 45 случаи на заболени од грип/заболувања слични на грип, со што се бележи намалување во споредба со минатата сезона и со типичната сезонска крива.

Во Македонија, заклучно со петтата недела, вакцинирани се вкупно 39.488 лица против сезонски грип. Вакцинирани се вкупно 28.922 лица со бесплатна вакцина, додека пак 10.566 лица се вакцинирани со комерцијалните вакцини.

Мерките за заштита од Covid-19 вирусот придонесоа за намалување на бројот за заболени и на пациенти од сезонски грип, сметаат во Министерството за здравство и постсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасната заштита од ова заболување.

Повеќе информации во однос на состојбата со грип во земјава, за сезоната 2020/2021, заклучно до 17.01.2021 година може да добиете од веб-страницата на Институтот за јавно здравје: https://www.iph.mk/grip-5-nedela-2021/